Деновиве се претставуваат над 65 домашни и странски издавачи и се организираат повеќе од 110 промоции на Саем на книгата 2025 во Скопје. Ова издание ќе остане запаметено по многу нешта, истакнуваат организаторите, особено по големата посетеност сите денови од саемот, посебно вториот ден, во чии рамки се и организираните посети на учениците од основните и средните училишта кои доаѓаат од различни градови.
„Ќе се памети прво по убавата енергија, ентузијазмот и еуфоријата која беше забележана кај илјадници луѓе од сите генерации, пред сѐ млади. По големата посетеност од различни генерации, со интереси за различни книжевни жанрови“, посочуваат тие.
За истакнување, според нив, е и интересот и долгите редици за книжевната ѕвезда на овој саем Себастијан Фицек. Илјадници луѓе од сите генерации, пред сѐ млади, трпеливо чекаа со часови за да се сретнат со омилениот германски автор на психолошки трилери. Како што забележуваат организаторите на Саемот, Фицек потпишуваше цели 6 часа без ниту една пауза, со насмевка и разговор за секој читател. Ниту заморот, додаваат, ниту долгите редици не ја намалија неговата енергија – напротив, тој со восхит ги прифати сите кои дојдоа да го поздрават.
„Не паметам кога последен пат сум потпишувал волку многу книги. Дури ни на Саемот во Франкфурт не сум доживеал ваков ентузијазам. Бев импресиониран од тоа колку млада публика има тука во Скопје. Ги гледав луѓето како чекаат 6 часа за да ме поздрават – тоа беше неверојатно. Благодарам, Македонијо!“, изјави Себастијан Фицек за македонските читатели.
Според организаторите, овие саемски денови буквално се живее за книгата.
„Читателите покажаа дека на Саемот за книга се оди не само за купување книги, туку и за да се нахраниме со идеи, со емоции и со зборови што остануваат. И токму тоа се случува. Мотото на овогодишниот Саем на книга 2025 беше ‘Храна за душа’, па нè потсети на суштината на читањето како начин на хранење на нашите мисли, емоции и внатрешниот свет. Посебно важно бидејќи денес живееме во време кога брзината на животот околу нас ни станува секојдневие, а информациите нè преплавуваат од сите страни и во таа динамика, често забораваме дека не само телото, туку и душата има свои потреби“, велат тие.
Саемот и оваа година е под покровителство на Министерството за култура и туризам, а официјално го отвори претседателката Гордана Силјановска Давкова која изјави дека „токму книгите што ги читаме зборуваат повеќе за нас, за нашите идеи, за нашите идеали одошто било која напишана биографија или CV или особено профилите на социјалните медиуми“. Исто така, по пауза од 11 години, Република Србија повторно се претстави како изложувач на 37-от Саем на книгата во Скопје.