Најново издание на независниот издавач „Шарла“ (Sharla) е ЕП-то „Maelstrom“ на Мартин Георгиевски алијас „Амплидајн ефект“ (Amplidyne Effect).
Од издавачката куќа посочуваат Георгиевски е познат како исклучително посветен скопски „indie kid“, сорта во исчезнување. Лик од првите борбени редови на сите, повеќе или помалку важни свирки и концерти во градот, и воедно, ревносен проследувач на сѐ што вреди на домашната независна музичка сцена.
„Пријател и фан. Кога ќе му ја свртите другата страна, ќе се појави еден исто толку посветен и талентиран електронски артист кој издава и настапува под псевдонимот – ‘Амплидајн ефект’. Препознатлива, кротка шугејзерска појава со јасна склоност да нурнува во звучните длабочини и да вади секакви музички плодови. Ретко го имаме во нашата приказна, но се појавува секогаш кога треба да ја поведе во својата веќе препознатлива зона. Тоа е идејата. Зима, надвор студ и ветар, идеални услови за длабоки внатрешни активности поблиски до тишината од инаку. Состојба. Во таа зона на минимална ентропија оперира ова кратко, но драгоцено музичко остварување на Мартин. Баш обратно од светот надвор“, соопштуваат од „Шарла“.
За самото 19-минутно издание, Георгиевски за Радио МОФ вели дека е краток аудио-запис составен од две траки снимени во целосно одвоени импровизациски сесии, каде користел и дел од новата опрема што ја земал скоро време: гитара со NUX MG300 мулти-ефект процесор, Novation Mininova сајзер и неговите омилени дигитални звуци од Arturia синтисајзерите.
„Идејата во моите изданија секогаш била моментот на импровизацијата, не толку да се внесам во компонирање колку да дозволам звукот сам да ме носи. ‘Medley’ произлезе од желбата да го фатам тој астрален гитарски tape-delay звук на мојот идол Ник МеКејб и да го спојам со фрипетрониката на Роберт Фрип. Траката ‘Maelstrom’ пак настана уште првиот пат кога го вклучив Mininova синтот во мојот стриминг сетап. Дури имам и видео од Твич стримот каде што се гледа како полека се калеше траката“, објаснува тој.
Понекогаш, во различни сесии, како што вели, се појавуваат траки што природно се поврзуваат и создаваат свој мал микрокосмос.
„Во овој случај, тој микрокосмос го носи чувството на водата, полната месечина и неизвесноста на морето во темница. Maelstrom е силен морски вител, а така ми звучеа и двете импровизирани сесии, како струи што се сретнуваат и создаваат долга форма во постојано движење. Она што ми е интересно е што, без воопшто да му го кажам тоа на Давид (oд ‘Шарла’, успеавме да се најдеме на иста бранова должина (pun intended). Неговата фотографија за каверот совршено го доловува тој момент. А најчудно од сè ако навистина станува збор за истата полна месечина, во исто време на друга локација, направив и јас слична фотографија. Нeа ја чувам за некое идно LP издание каде би можеле да се најдат и овие две траки“, нагласува Мартин Георгиевски.

Изданието може да се преслуша и поддржи преку Бендкем-от на „Шарла“.
Инаку, Георгиевски како продуцент со „Амплидајн ефект“ е активен од 2009 година, препознатлив по електронска и амбиентална музика и импровизирачки сесии.
Во изминативе години, има настапувано на фестивали како „Скопје џез фестивал“, „Похода фестивал“ (Словачка), „ПНЕМ СаундАрт фестивал“ (Холандија), „Д Фестивал“, „Филозофски филмски фестивал“ и други. Зад себе има обемна дискографија со повеќе од 30 изданија на етикети како „Transonic Records“, „Sharla“, ‘Shimmering Moods’, „Attenuation Circuit“ и други“. Има настапувано со „Пост Глобал Трио“, „Светлост + Одрон Ритуал Оркестра“, со Мартин Џорлев, како „Амплидајн ефект трио“ со Владимир Мартиновски и Соња Димитриоска…
Последното споменато, „Амплидајн ефект трио“ настапува заедно со Добрила Грашеска на 5 декември во „Буква“.

Бојан Шашевски



