Лондончани цртаат 150.000 срца за да им оддадат почит на жртвите на коронавирусот

Со големата загуба на животи забележана низ целиот свет поради пандемијата, тагата стана главен дел од животот на граѓаните. Тие наоѓаат нови начини за да им оддадат почит на своите најблиски кои ги загубија своите животи од вирусот кој започна да се шири од Вухан, Кина, кон крајот на 2019 година.

Група граѓани во Лондон започнаа кампања за да им оддадат почит на жртвите на коронавирус во Велика Британија, така што рачно цртаат над 150 000 срца на ѕидот сместен спроти Парламентот. Воедно, побараа истрага за постапувањето на Владата со пандемијата.

Рачно цртаниот мурал ќе се протега на стотици метри по должината на јужниот брег на реката Темза и ќе одбележи моќен приказ на солидарност со семејствата на жртвите.

Муралот се наоѓа надвор од болницата Сент Томас, каде што премиерот Борис Џонсон беше згрижен откако се зарази со вирусот.