Лондон прогласен за најдобар град за студенти

Најдобар град во светот за студенти за 2018 година е Лондон, покажува најновото годишно рангирање на светските универзитети на групацијата „QS“, која се занимава со истражувања во образованието.

Рејтингот се базира на различни фактори како: број на врвни универзитети во градот, локалниот пазар на труд, различноста на културите и квалитетот на живот.

Во генералното рангирање, на второ место се најде Токио, по што следуваат и Мелбурн, Монтреал и Париз.

Анализата посочува дека за студентите во Лондон постои повисока концентрација на врвни високообразовни институции во споредба со било кој друг град, дека студентите имаат пристап до културниот живот во музеи, театри, кино-сали и ресторани, а се потенцира и дека Лондон претставува добро место за поврзување со работодавачите и добивање работа.

Меѓу другите параметри, Лондон добил висок скор за високото ниво на толеранција и диверзитет, со што студентите од странство прави да не се чувствуваат изолирано или исклучено. Сепак, Лондон стои полошо од многу други градови единствено во цената за живот, која според анализата е превисока за студентските буџети.

Според цените најдобри градови во светот за студентите се Будимпешта, Куала Лумпур и Ријад. Според атрактивноста тоа се Торонто, Токио и Сиднеј, додека во поглед на различноста на студенти, најдобрите три градови се Мелбурн, Сиднеј и Оукленд.

Во категоријата „поглед на студентите“ најдобар град за студентите е Монтреал, по што следуваат Минхен и Мелбурн.

Целото рангирање на градовите може да се најде на следниов ЛИНК.

Во рангирањето од 2017 година, на првата и втората позиција беа Монтреал и Париз.