Лондон ќе одржи бесплатна проекција на филмот на иранскиот режисер кој нема да присуствува на Оскарите

Садик Кан, градоначалникот на Лондон, во знак на солидарност ќе одржи бесплатна проекција на отворено на иранскиот филм чиј режисер ќе ги бојкотира Оскарите поради „забраната за муслимани“.

Асгар Фархади, иранскиот режисер кој објави дека нема да присуствува на Оскарите поради „забраната за муслимани“ која со извршна одлука се обиде да ја воведе Доналд Трамп, е номиниран за Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје за The Salesmen.

Иако забраната за влез во САД за државјаните на седум земји, меѓу кои и Иран, беше спречена од федералниот суд, Фархади објави дека ќе ги бојкотира Оскарите „поради принцип, бидејќи одлуката на Трамп е неприфатлива“. Изјави дека никако нема да отпатува во Америка, дури и ако за неговото патување бидат направени исклучоци.

Сега, во знак на поддршка на иранскиот режисер, лондонскиот градоначалник Садик Кан објави дека „плоштадот Трафалгар ќе се претвори во најголемото кино под отворено небо во Велика Британија“, за бесплатно прикажување на The Salesmen. Целта на оваа проекција, вели Кан, е да покаже дека Лондон е отворен за сите.

Проекцијата е закажана за 26 февруари, неколку часа пред почетокот на церемонијата на доделување на Оскарите.

„Добредојдовте луѓе од сите страни на главниот град и пошироко, да ја споделите со нас оваа прослава на Лондон како интернационален центар на креативноста и глобален град на отвореност и диверзитет“, напиша Кан.

На ваквиот потек, Фархади искоментира:

„Собирањето на публиката на The Salesmen на познатиот лондонски плоштад е симбол на заедништво против поделбата на луѓето.

Најтопло му се заблагодарувам на градоначалникот на Лондон и кино заедницата, за оваа великодушна иницијатива. Го ценам овој акт на солидарност“.