Љупчо Коцарев избран за нов претседател на МАНУ

Академикот Љупчо Коцарев е избран за нов претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Неговиот мандат ќе трае 4 години, а почнува на 1 јануари, заменувајќи го актуелниот претседател Таки Фити.

На вчерашното Изборно собрание, за потпретседатели беа избрани академиците Живко Попов и Газанфер Бајрам, а за научен секретар на Академијата е избран Изет Зекири.

Новото претседателство на МАНУ, пак, го сочинуваат академиците: Катица Ќулавкова, Абдулменав Беџети, Владимир Серафимовски, Леонид Грчев, Глигор Јовановски, Радован Павловски и Момир Поленаковиќ.

Љупчо Коцарев (роден на 25 февруари 1955 година во Скопје) е македонски научник и професор од областа на физиката, техничките науки и компјутерските науки.

Основно, средно и високо образование (Електротехнички факултет) завршил во родниот град. Магистрирал на Електротехничкиот факултет во Белград, а докторирал на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Во периодите од 1985 до 1999 година и од 2007 до 2011 година бил вработен на Електротехничкиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е вработен на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) од формирањето во 2011 година до денес. Од 1999 до 2016 година бил вработен на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего, САД. Остварил студиски престои во САД, Германија, Италија, Унгарија, Шпанија и Јапонија. Во 2006 година е избран за fellow на IEEE (член на Друштвото на електроинженерите во САД). За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав е избран на 27 мај 2003, а за редовен член на 1 мај 2007 година.

Коцарев објавил повеќе од 140 публикации во списанија со фактор на влијание, повеќе од 10 публикации во (меѓународни и домашни) списанија без фактор на влијание, и повеќе од 150 публикации во зборници на рецензирани трудови од (меѓународни и домашни) конференции. Тој бил едитор на 6 книги и автор на 6 патенти (одобрени во САД и/или Европа).