Лионел Меси е осуден на 21 месец затвор за даночна измама

Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси е осуден на 21 месец затвор поради даночна измама, одлучи судот во Шпанија.

Според шпанскиот закон, секоја пресуда под две години може да биде суспендирана, што значи дека се очекува фудбалерот да избегне издржување на казната во затвор.

29-годишниот Меси, кој е еден од најдобро платените спортисти во светот, беше обвинет за создавање на низа лажни компании во Белизе и Уругвај, за да избегне оданочување на 4.16 милиони евра, од приходите кои ги заработил во периодот помеѓу 2007 и 2009 година.

Аргентинецот, кој паузираше од подготовките за Копа Америка ова лето, за време на судењето минатиот месец изјави:

„Јас играв фудбал, не знаев за ништо. Јас му верував на мојот татко и на моите адвокати“.

На неговиот татко Хорацио Меси, му е изречена истата казна. Двајцата, кои се соочуват и со огромни парични казни, можат да поднесат жалба до Врховниот суд.

За време на судењето, Меси рече дека тој никогаш не се сомневал за нерегуларности кога неговиот татко ќе побарал од него да потпише договори или документи поврзани со неговите приходи.

Сведокот, Ева Бласкез, одговорна за справување со даночните пријави на четирикратниот победник во Лигата на Шампионите рече:

„Лео не ги гледаше. Конечниот надзор беше направен од клиентот, во овој случај Хорацио Меси“.

Таткото на Меси потврди минатиот месец дека неговиот син не бил запознаен со деталите на договорите.

„Не мислев дека е неопходно да го информирам за се“, рече тој.

Меси беше споменат во Панамските документи, кои беа објавени во април оваа година. Се работи за документи на панамска адвокатска фирма на интернет, во кои се споменуваат имиња на познати политичари, бизнисмени и влијателни личности. Податоците покажуваат како компанијата им помагала на своите клиенти да перат пари и да одбегнуваат плаќање на санкции и даноци.