„Лице в лице“ ја одбележува Неделата на продавачи на уличен печат

Со активности во Скопје, Струга, Битола и во Охрид, продавачите на единственото улично списание во земјава, „Лице в лице“ ќе биде дел од третото одбележување на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат која се одржува од 2 до 8 февруари во повеќе земји низ светот.

Станува збор за годишен настан кој се одржува во првата недела од февруари, а целта е да се слави работата на продавачите на 114-те улични списанија и весници од 35 земји од целиот свет и да се поттикне јавноста да размислува за предизвиците и проблемите со кои што тие се соочуваат, како бездомништво, социјална исклученост, сиромаштија, се вели во соопштението.

Во текот на оваа недела, продавачите од Скопје ќе бидат на повеќе локации (во Дебар Маало, на плоштадот Македонија, на влезот на ГТЦ), каде ќе ги понудат овие комплети.

Битолските дистрибутери на списанието, „Форум 16“, заедно со онлајн магазинот „Олабај“ оваа недела, секој ден од 11 до 13 часот ќе бидат пред „Веро“ на Широк сокак, каде ќе дадат поддршка на битолските продавачи и ќе го понудат „Лице в лице“ на граѓаните. Тие подготвија и манифест, кој ќе го споделуваат на социјалните мрежи.

Организацијата „Порака нова“, која е дистрибутер на „Лице в лице“ за Струга, исто така ќе се вклучи во акцијата со продажба на изминати броеви. Струшките продавачи, со поддршка на „ПОРАКА НОВА“ ќе бидат на повеќе локации низ градот и ќе им ги понудат на граѓаните броевите кои им недостасуваат.

Освен овие активности, постои и глобална онлајн кампања, во чии рамки може секој да се приклучи постирајќи содржина со хаштаг #VendorWeek.

Во светот во моментов работат околу 14. 000 продавачи на улични списанија и весници кои ќе се обидат да соберат што повеќе средства, но и да ја подигнат јавната свест за прашањата поврзани со бездомништвото.

Активностите од Недела на продавачи на уличен печат се одвиваат во градовите во кои излегуваат улични изданија кои се членки на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) со седиште во Глазгов. Во 35 земји, мрежата на ИНСП, нуди поддршка и надеж за луѓето кои се соочени со бездомништво, сиромаштија и социјална исклученост.