ЛГБТ Центарот го прослави петтиот роденден, најавена борба за одговорност на напаѓачите од изминативе години

„Луѓе, преживеавме! Центарот во претходните пет години има организирано над 150 јавни настани, дебати, читачки клубови, социјални настани, забави… Имаме над 50 луѓе кои добија психо-социјална или правна помош“.

Ова е дел од говорот на Кочо Андоновски, програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, кој вчера со роденденска свеченост одбележа пет години од своето основање.

Андоновски потенцираше дека досега имаат пет јадра кои заедно со партнерските организации ги развиваат во пет општини надвор од Скопје, во кои над 60 лица се активни и учат да ги застапуваат правата на своите содружници од ЛГБТ заедницата. Исто така, ЛГБТ Центарот направи две кампањи на национално и четири на локално ниво, а за десетина дена најави нова кампања и во Струмица.

Според Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншки комитет за човекови права, ова е прв роденден на ЛГБТ Центарот кој го слават во слобода. Напомена дека Центарот беше отворен на 23 октомври, 2012 година.

„Режимот беше во полн ек, хомофобијата доаѓаше главно од страна на државата, и омразата од ЛГБТ луѓето беше поттикнувана и охрабрувана од владините претставници. Бевме напаѓани, навредувани, а говорот на омраза беше секојдневие. Никој до денес не одговараше. Меѓутоа, и покрај тоа, овие пет години ние спроведовме многу настани во кои учествуваа многу лезбијки, геј-мажи, бисексуалци, бисексуалки, транс-лица, а воедно со своите креативни идеи придонесоа Центарот да биде она што е денес“, рече Пировска.

На роденденот беа доделени признанија на поддржувачи и донатори кои го помагаа развојот на ЛГБТ Центарот и Сигурна куќа.

„Многу луѓе страдаат поради нивната сексуална ориентација и ние сме тука за да им помогнеме да се реинтегрираат и ресоцијализираат во општеството“, рече менаџерот на Сигурна куќа, Елена Петревска.

Свој говор држеше и Зоран Заев, кој е прв премиер кој учествувал на ваков настан и дал поддршка на ЛГБТ заедницата. Тој тврди дека времињата на беззаконие и кршење на човекови права се завршени. Демократијата не се стекнува преку ноќ, вели тој, ниту пак е нешто дадено еднаш засекогаш.

„Ја развивавме секој ден, со тоа што се развиваме пред се’ самите себеси, низ надминувањето на наметнати или наследени предрасуди и стигми, испречени како предизвици за да извлечеме поука, што е најдобро. Како и да е, еден од темелите на демократијата е почитувањето на човековите права и Владата ќе направи се’ за да ја овозможи оваа уставна придобивка на секој граѓанин“, рече премерот Заев, најавувајќи нов Закон за заштита од дискриминација.

Од Центарот очекуваат во следниот период со неформалната група од седум пратеници кои се залагаат за правата на ЛГБТ заедницата, да работат заедно на последиците и нападите кои ги имаа во изминативе пет години.