Од 18 до 22 септември, ќе се одржи летна школа со фокус на миграцијата и бегалци, а темата на овогодишното издание е „Врската помеѓу глобалната миграција и присилното раселување“.
Летната школа ја организира Центарот за бегалско право и миграција при Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот Св. Кирил и Методиј-Скопје, со поддршка од УНХЦР-Скопје и во соработка со Одделот за меѓународно право за бегалци и миграциско право на Меѓународниот институт за хуманитарна помош во Санремо.
Петдневната школа во програмата вклучува воведни и специјализирани сесии, дебати и факултативни сесии, а е отворена за студенти на додипломски и постдипломски студии, од различни образовни дисциплини.
Организаторите посочуваат дека единствениот предуслов за учество е кандидатите да имаат поминато барем еден воведен курс по општествени науки, политички науки, историја или право.
„Оваа 5-дневна интензивна Летна школа е дизајнирана да им помогне на учесниците да стекнат основни и посредни знаења за глобалната миграција и присилното раселување и да ја поттикне посветеноста на јавноста да се залага за правата на бегалците и другите лица на кои им е потребна заштита ширум светот“, велат организаторите.
Летната школа ќе се одвива онлајн, преку платформата „Зум“, а учество ќе земат повеќе странски експерти.
За да се задржи интерактивниот карактер на сесиите во дневниот ред, на програмата ќе бидат примени најмногу 50 учесници.
„Учесниците ќе имаат можност да учат од разновидна група на меѓународни експерти, вклучително и добро почитувани академици и практичари, кои носат искуство од различни региони во светот. Студентите ќе можат да се сретнат и да се поврзат со клучните чинители и експерти во полето на миграцијата“, истакнуваат организаторите.
За повеќе информации заинтересираните можат да ги контактираат организаторите преку електронската пошта info@refugeelaw.mk.