Лекот Ерметин, односно, познат како Ивермектин од денеска е достапен во аптеките, информираа од Министерството за здравство (МЗ). Ивермектинот на производителот „World Medicine Ilac San.Ve.Tic“ од Турција, може да се набави во аптеките по одобрена малопродажна цена од 299 денари, велат од МЗ.
Тој може да се зема само со рецепт од матичен лекар или лекар специјалист и може да се употребува во домашно и болничко лекување. Исто така, тој може да се зема и превентивно, посочуваат од МЗ, но, како што додаваат, исклучиво со лекарска препорака, доколку лице било во контакт со ковид позитивен.
„Повеќе клинички студии кои ја евалуираат ефикасноста на Ивермектин кај пациенти со COVID-19 се во тек и/или нивните крајни резултати се уште не се публикувани во научни списанија, но прелиминарните резултати сугерираат дека Ивермектин има поволен ефект во профилакса на COVID-19 кај експонирани лица, како и во терапија на пациенти со лесна, средно-тешка и тешка клиничка слика“, стои во соопштението на МЗ.
Бројот на активни случаи на Ковид-19 моментално во земјава изнесува 15.970 лица, додека од почетокот на пандемијата, со Ковид-19 се дијагностицирани 86.597 лица.