Лабораторијата за животна средина ќе се пријави да сертифицира метода за мерење на воздух

Државната лабораторија за животна средина ќе се пријави за најмалку една метода за квалитет на воздух, откако во март беа акредитирани седум методи за тестирање, од кои шест беа за квалитет на вода и една за бучава.

Од Министерството за животна средина објаснуваат дека, за да се воведе нова метода, односно за да се сертифицира метода, истата треба да се пријави во Институт за акредитација на Република Македонија (ИАРМ).

„А потоа истата се проверува од ИАРМ и се додава кон акредитираните методи или од страна на ИАРМ се даваат забелешки или несообразности кои треба да се отстранат за да се добива сертификатот“, велат од министерството за Радио МОФ.

Министерот Нуредини при промоцијата на седумте акредитирани методи во март / Фото: МЖСПП

Од таму потенцираат дека процесот за сертифицирање на методата е започнат со набавката на нов инструмент и истиот ќе трае најрано до јануари 2022, а најдоцна мај 2022 година во зависност дали за истата ќе има забелешки или неусогласености од ИАРМ. Ако ако има забелешки, се дава рок до 3 месеци за нивно отстранување.

„Новиот инструмент кој се бара со јавна набавка е за мерење на емисии во воздух од стационарни извори“, велат од МЖСПП.

Инаку, Радио МОФ истражуваше за проблемот со државната Централна лабораторија, која одамна постои, но до неодамна таа не беше акредитирана за ниту една метода согласно меѓународниот стандард ISO 17025.

Додека не се акредитира, лабораторијата е неупотреблива. Со тоа, нема соодветен контролен механизам за загадувачите во најзагадените градови во Европа. Инспекторатите мораат да ангажираат комерцијална акредитирана лабораторија (УГД Штип, „Фармахем“, „Технолаб“, „Еуромак контрол“). Или индустриските капацитети сами викаа акредитирана лабораторија и практично си мерат сами на себе. Но, ниеднa приватна лабораторија не си дозволува да врши супервизија на друга приватна лабораторија. Затоа и останаа сомнежите во јавноста за одредени мерења, или за спрема меѓу инсталацијата и оној што мери.

Државата не издвојува пари за лабораторија што ќе контролира загадувачи

Б.Ш.