Во Социјалниот центар „Дуња“ на 20 и 21 јуни (петок и сабота) ќе се одржи дводневниот настан „Квир бунт: No pride in genocide“, кој ќе содржи низа активности како работилница, проекција, дискуција, солидарна кујна, музичка селекција.
„Состојбата во Газа со секој час се влошува. Недолжното население кое со месеци страда, нема добиено никаква хуманитарна помош. Сведоци сме на геноцидот врз палестинскиот народ од страна на фашистичката влада на Израел, под покровителство на сите западни влади од империјалистичкото јадро и НАТО пактот. Владите, вклучувајќи ја и нашата, во една ваква ситуација наместо да се солидаризираат со опресираните и да го осудат незаузданиот Нетанјаху и ИДФ, тие ги перат неговите злосторства. Наместо да вложат во здравство, образование и за нашите потреби, одбираат да ја зајакнат воената индустрија преку поголеми трошоци за опрема, според препораките на НАТО и ЕУ“, стои во најавата за настанот.
Од СЦ „Дуња“ велат дека, негувајќи ја нашата антифашистичка историја, тие се на страната на секој Палестинец кој се бори за живот и слобода.
„Се залагаме за борбен класен феминизам, единствено тој може да доведе до квир ослободување, преку отфрлање на капиталистичкиот експлоататорски систем каде квир заедницата не само што е посилно погодена од сиромаштијата, туку капиталистичките медиуми и политичарите се обидуваат да ја искористат за да го одвратат гневот од вистинскиот проблем – капитализмот. Ниту еден pink washing нема да ги измие крвавите злосторства на израелската држава. Оттаму и политичката порака која ја испраќаме преку овогодинешниот петти по ред ‘Квир бунт: No pride in genocide“, велат „дуњаши“.
Агенда на активности:
20.06 (петок)
– 17:00 Работилница за транспаренти, зинови и флаери
– 19:00 Проекција и дискусија – Queercore: How To Punk A Revolution
– 22:00 Queer core музичка селекција
21.06 (сабота)
– 12:00 Лабава акустика во двор
– 14:00 Дискусија: Со класен феминизам до квир ослободување
– 16:30 Солидарна кујна
– 19:00 Протест
– 21:00 DJ Дејан Сламков