Квалитетно и инклузивно образование, подобри ресурси и поголем стандард – желби за 2026 година

Во Радио МОФ правиме уште една новогодишна тема – образовна желботека за 2025 година. Тргнавме да собираме ставови и желби од разни иницијативи, организации или тела што работат во секторот образование: Што сакаат да видат во 2025 година?

Повеќе бенефиции за учениците и студентите, но и за останатите во едукативниот процес? Можеби поодговорни институции, повисок стандард, поголем буџет за образование? Нов закон, или промена на стара легислатива? Можеби недостасуваат и повеќе објекти, инфраструктура, опрема? Или можеби сè е ОК? Што прво  им доаѓа на памет како желба?

Ова се нивните одговори:

Сојуз на средношколци на РСМ

Во 2026 година, Сојузот на средношколци ја пренасочува енергијата кон неколку клучни приоритети. Прво, очекуваме успешна имплементација на новата концепција за гимназиско образование која веќе е усвоена – сега е критично да се обезбеди нејзино квалитетно спроведување со соодветна обука на наставниците и материјални ресурси.

Исто така, инсистираме на драстично подобрување на достапноста до образовни ресурси. Ова значи отворен пристап до дигитални библиотеки, онлајн платформи за учење, и квалитетни учебници за сите ученици, без разлика на нивната социо-економска положба. Образованието не смее да биде привилегија.

Конечно, сакаме да видиме реална инвестиција во менталното здравје на учениците – не само советувалишта на хартија, туку достапни психолози, работилници за справување со стрес и систем што препознава дека успехот не се мери само со оценки.

Организација за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС)

Образованието има суштинска улога во градењето одржливо и правично општество. Во Македонија, и покрај постојните политики и мерки, образовниот систем и понатаму се соочува со прашања што бараат долгорочни и системски решенија. Затоа, во следната 2026 година, неопходно е фокусот да се стави на неколку приоритети.

Пред сè, потребно е секој млад човек да има еднаков пристап до квалитетно образование, без пречки. Понатаму, обезбедувањето на дигитални ресурси и дигитализирање на одредени образовни процеси за учениците и студентите ќе биде чекор напред за реална достапност до образовните можности. Истовремено, институциите треба да продолжат активно да ги вклучуваат студентите и средношколците во процесите на креирање и спроведување образовни политики, и да ги препознаат како партнери, а не само како корисници на политиките.

Младински образовен форум (МОФ)

За жал, и оваа година ги имаме горе-долу истите желби.

Првата желба би била повторно дека образованието е неопходно да поттикнува на критичко размислување и активизам. Во ера на вештачка интелигенција и длабоко поларизиран свет, неопходно е да создаваме млади генерации, кои имаат свој став и умеат да го подријат медиокритетот.

Втората желба би била дека образованието е неопходно да биде поинклузивно, како кон учениците, средношколците и студентите, така и кон светските трендови и модернизацијата. За да може да се натпреваруваме на светско ниво.

Третата желба би била дека студентите би биле поактивни во академската средина и посвесни за нивото на студентското организирање.

Универзитетско студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ)

Нашата најголема желба е оваа година да донесе вистински промени во студентскиот живот – подобри услови за живеење и студирање, поголема поддршка од институциите и систем што навистина ги препознава реалните потреби на студентите. Веруваме дека студентите треба да имаат простор да учат, да се развиваат и да градат иднина без дополнителен притисок и неизвесност.

Инвестирањето во студентскиот стандард значи инвестирање во знаење, идеи и луѓе кои утре ќе ја носат државата напред. Затоа се надеваме дека 2026 година ќе биде година во која студентскиот глас ќе се слуша погласно, а позитивните промени ќе се почувствуваат во секојдневието.

На сите студенти им посакуваме успешна испитна сесија, добро здравје и мирна 2026 година.

Бојан Шашевски