Квалитетни мерки ќе има кога животната средина ќе биде поважна од економскиот интерес

Загадувањето на воздухот е сериозен проблем кој бара од сите институции да ги исполнат активностите на кои се обврзале. Подобрувањето на квалитетот на воздухот е возможно само со правилно, навремено и целосно спроведување на мерките. Но, тие најчесто не се спроведуваат, а оние пак, кои се спроведуваат се популистички и не се доволни за да го решат проблемот.

Само околу 30% од прикажаните мерки во владиниот План за чист воздух се спроведуваат или е најверојатно дека ќе започнат да се спроведуваат во наредниот период, покажува анализата на „Еко свест“.

„Состојбата со алармантното загадување на воздухот бара имплементација на мерки кои ќе бидат непопуларни и за физичките и за правните лица. За жал, вообичаено се одбираат оние мерки кои се популарни и се очекува дека ќе предизвикаат најмалку револт кај граѓаните“, смета Хелена Андонова, авторка на анализата.

Донесувачите на одлуки мора да појдат од тоа дека подобрувањето на квалитетот на животната средина нема боја и партија, забележува таа. Истата порака ја упатија и граѓаните кои во саботата протестираа во Скопје за да побараат акција од властите за чист воздух.

„Квалитетни мерки ќе имаме кога во сите национални стратегии и програми приоритет ќе биде здравата животна средина и здравјето на граѓаните, како поважни од економските интереси“, забележува Андонова.

Од вкупно 39 ветувања што ги дале скопските власти, само едно е целосно исполнето – да не се прскаат улиците со калциум магнезиум ацетат, а 19 други ветување се во тек на исполнување. Ова го покажуваат последните податоци на „Политичкиот бројач“ што го изработија О2 Коалиција и апликацијата „Мој воздух“.

„Политички бројач“ на „Мој воздух и О2 Коалиција

Според Горјан Јовановски, постоечките мерки се задоцнети.

„Тек откако ќе има многу загадување, активираме препораки кои најчесто не се почитуваат зошто се токму тоа – препораки. Во моменти на енормна загаденост, мора да стапат на сила закони и забрани, кои во целост ќе се спроведуваат“, смета тој.

Но, прагот на алармирање во Македонија е еден од највисоките во Европа. Моментално е 188 микрограми на кубен метар и ќе се намалува секоја година додека не достигне 150 µg/m3  на 1 јануари 2022.

„Кога прагот на алармирање би бил како кај најголемиот број европски земји, 70, 80 или 100 µg/m3 за 24 часа, или неколку дена над 50 µg/m3, поради големата загаденост на воздухот би значело дека најголем дел од зимската сезона би го поминале во алармантна состојба. Што според нас и треба да се случи, зошто можеби само тоа ќе ги покрене надлежните, власта во државава навистина да преземат крупни чекори во намалување на аерозагадувањето од кое умираме секоја година во илјадници и заболуваме во уште поголем број“, велат од О2 Коалиција.

Оттаму посочуваат дека идеален случај би било ако мерките се активираат еден ден пред прогнозираната алармантна состојба, наместо да се чекаат два дена загадувањето да достигне високи вредности и потоа третиот ден да се вклучат мерките, кои тогаш тешко може да постигнат саканиот ефект.

„Мора да напоменеме дека мерките кои би се активирале мора да соодветствуваат на причините на загадувањето со РМ10, што значи мора да ги таргетираат изворите на овие РМ10 честички и да го редуцираат нивното испуштање во воздухот. Инаку, мерките нема да имаат ефект, како што немаат сега“, велат од Коалицијата.

Спроведувањето на мерките не смее да биде паушално, туку системско, рече професорот Даме Димитровски на вонредната седница на МАНУ каде научници пред два месеци дискутираа и наоѓаа решенија за огромното аерозагадување.

Сесија: АЕРОЗАГАДУВАЊЕ, Даме Димитровски

Даме Димитровски,Емисии на ПМ10 од затоплување на објекти во СкопјеМАНУ, Научна Конференција за загадување на градовите во Македонија и можни решенија. Сесија за Аерозагадување.Видео од youtube канал на Environment MKhttps://youtu.be/esR4Vz_Vtec

Posted by Environment on Friday, 9 November 2018

„Не сите глобални решенија се локално применливи и секоја мерка треба да се локализира и да се прилагоди кон условите, кон секое маало ако треба, или кон секоја улица поединечно“, смета тој.

Според Димитровски, потребни се поголеми фондови за мерна опрема со која брзо би се открил составот на загадувачките материи, а со тоа и веднаш би се реагирало, наместо да се претпоставува. Дополнително, предлага формирање национални истражувачки тимови по области, кои преку меѓусебна соработка ќе придонесат во решавање на проблемот.

„Постои млад кадар кој сака да работи и постои голема потреба од насочување на фондови кон младиот кадар кој сака да истражува. Несовесно е едни исти тимови да рециклираат едни исти истражувања и потоа да се очекуваат нови резултати. Потребно е да вклучиме млади потенцијали кои допреле до понови и подобри резултати“, забележа Димитровски.

Приоритетни мерки со промашен фокус

Приоритетните мерки на Владата забележуваат нелогичности и промашен фокус, коментираат познавачите на состојбата. Тие најмногу се насочени кон решавање на проблемот со загревањето на домаќинствата.

Од „Еко свест“ велат дека е разбирливо што приоритет е да им се помогне на социјално загрозените граѓани со субвенции, но според нив, подобро би било наместо со печки на пелети, граѓаните да се поддржат со инвертери, бидејќи и печките со пелети загадуваат.

Исто така, наместо субвенционирањето, предлагаат да се разгледа поинаков начин на поддршка, кој би вклучил условен договор со домаќинството за користење и месечна отплата на уредот во одреден период со преминување на уредот во сопственост на домаќинството на крајот на периодот.

„Недоволен фокус се става и на податокот дека дури 90% од домовите во Скопје немаат соодветна термичка изолација, а треба да размислуваме и да започнеме интензивно да ги помагаме домаќинствата да користат сончеви колектори и фотоволтаици за задоволување на побарувачката за енергија“, вели Андонова.

Анализата на „Еко свест“ препорачува привремена забрана за работа на сите загадувачки индустрии во деновите со високо загадување на воздухот и започнување на долгорочен план за циркуларна економија и реупотреба на материјалите наместо производство на нови во кој ќе бидат вклучени и загадувачките индустрии. Потоа, препорачува и забрана за движење на возила, освен за јавниот транспорт, брза помош, полиција… во општините каде мерната станица покажува висок степен на загаденост во 2 последователни денови (над 188μg/m3 ) во период од 2 дена.

„Исто, отсуствуваат мерки поврзани со отпад и палење на отворено во круговите на дивите населби каде ова е најчест проблем. Отсуствува и предвидување строги контроли на градилиштата и закон со кои би се обврзале градежните фирми да го зазеленат просторот околу градилиштето, да се додаде зеленило во проектот- вистински да започне да се спроведува законот за урбано зеленило. Отсуствува и предвидување на строги контроли во дозволите за градба кои се издаваат во однос на самиот проект и материјалите што треба да ги користат (усогласување по европските стандарди)“, забележува Андонова.

Од О2 Коалиција, пак, ги истакнуваат нелогичностите на постоечките мерки. Според нив, бесплатен јавен превоз без да се воведе редуциран сообраќај е фрлање пари низ прозор и таквата мерка нема ефект. За да има ефект бесплатниот јавен превоз, мора да има доволно автобуси и линиите да одговараат на потребите, самиот јавен превоз да не е загадувачки и паралелно другиот вид на сообраќај да се редуцира со забрана, велат од О2 Коалиција.

„Во однос на печките на пелети, тие треба да се последната опција, кога ништо друго не е можно во дадените услови. Приклучување на топловодна мрежа, што значи нејзино проширување и давање поволности за да се приклучат кон неа, инсталирање на фотоволтаици на крововите во комбинација со топлински пумпи, инвертери се одржливите решенија. Во однос на зголемена контрола врз индустријата, проблем е малиот број на инспектори и уште поголем проблем е што не се мери редовно при вакви инспекции, туку се земаат мерењата направени оги д страна на компанијата, а не од страна на инспекцијата. Компаниите имаат однапред закажан термин кога акредитирана лабораторија доаѓа да изврши мерења и тогаш компанијата работи на контролиран начин кој нема да покаже зголемени вредности. Тоа не значи дека не испуштаат емисии над дозволените за разни загадувачки супстанции во нивната тековна работа на редовна основа. Дополнително, Законот за контрола на индустриските емисии со кој ќе се воведат построги критериуми за индустријата, каде максималните дозволени вредности на испуштени загадувачки супстанци ќе бидат пониски, уште не е донесен, а знаеме дека кога ќе се донесе, ќе има долг период додека стапат на сила тие построги критериуми“, забележуваат од Коалицијата.

Целите се остварливи, но требаат средства и план за реализација 

Според Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година, 2 милиони евра може да решат:

  • дистрибуција на приближно 1100 ефикасни печки, во Скопје, Битола и Тетово,
  • субвенционирање на најмалку 250 домаќинства за подобрување на енергетската ефикасност на нивните домови,
  • замена на системите за греење и подобрување на енергетската ефикасност на 4 образовни установи (по една во Скопје, Битола, Куманово и Тетово),
  • субвенции за најмалку 10 училишта или градинки од Скопје, Битола, Куманово и Тетово за AC инвертори,
  • приклучување на студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу во Скопје на топловодната мрежа на БЕГ,
  • поставување на повеќе од 500 метри зелен ѕид по долната страна на улицата Водњанска,
  • непознат број на садници и расади за формирање на зелени зони во градинките и училиштата.

Ако се погледне во Планот за чист воздух, кој во наредните две години треба да го преполови загадувањето со истата сум на пари, се наведува:

  • нови 10.000 домаќинства ќе бидат приклучени на проширената топловодна мрежа,
  • 20.000 домаќинства ќе ги променат старите печки на дрва со поефикасни,
  • 20.000 домаќинства ќе купат инвертер клима уреди за греење,
  • 10.000 домаќинства ќе ја подобрат енергетската ефикасност,
  • 3.000 ќе бидат приклучени на гас,
  • 2.000 домаќинства од ранливите категории ќе го променат начинот на греење,

Според О2 Коалиција, ова покажува дека она што е планирано за 2019 е само многу мал процент и е далеку од 50% од ветеното за две години.

„Ова се остварливи цели, но само ако навистина се вложат средства и плански се пристапи кон нивна реализација со детално одредување на одговорностите, начинот на спроведување и цврсто запазени рокови“, забележуваат од Коалицијата.

Од „Еко свест“, пак, предлагаат формирање на Фонд за животна средина и Фонд за енергетска ефикасност за собирање средства кои потоа ќе се употребат за заштита и унапредување на животната средина и подобрување на енергетската ефикасност на објектите и домовите.

Мерките се само почеток 

За Јовановски од „Мој воздух“, во моментов е најважно вклучување на станиците во Лисиче и Гази Баба, општините каде има најголемо загадување, а веќе со месеци дел од нивните инструменти не функционираат.

„Предолго се чека нивно сервисирање, не се ставаат други станици како замена (како пример мобилната станица од Бутел), а податоците од другите сензори (тие на Pulse.eco и Airly) не се признаваат како легитимни – сето ова не ми мириса на добро, а не е само до чадот од загадувањето тоа“, вели тој.

Од „Мој воздух“ поднеле иницијатива до Министерството за животна средина и просторно планирање, со која предлагаат онлајн систем за следење на исполнетоста на Планот за чист воздух. Тие се надеваат дека ќе бидат дел од програмата.

Димитровски, пак, предлага воведување стандарди за емисии од неколку видови домашни ложишта на цврсто гориво.

„Тоа во нашата држава се уште не стигнало како мерка со која ние треба да се справиме, особено затоа што овие ложишта не се фирми кои полесно би ги казнувале, или сопственици на возила на кои можеме да им наложиме, туку се домаќинства со кои системот не сака баш да се конфронтира“, забележува тој.

Потребна е волја за соработка за да се реши проблемот со загадувањето, нагласува Андонова од „Еко свест“. Но, смета и дека ако некоја институција не ги завршила своите обврски, тоа треба транспарентно да биде посочено во јавноста.

„Овие мерки треба да бидат само почеток во справувањето со еден многу сложен проблем. Загадувањето на воздухот бара подигнување на стандардите за работа на индустријата и планови за циркуларна економија, зголемување и подобрување на јавниот транспорт и воопшто транспортниот сектор во државата во насока на декарбонизација, стратегија за енергетика која ќе соодветствува на заложбите на Владата за чист воздух- односно премин од фосилни горива кон обновливи извори на енергија и започнување со имплементација на обврските од Договорот за клима од Париз“, заклучува Андонова.

Емилија Петреска