„Kултурлог“ создава регионална база на знаење

Центарот за изведувачки уметности „Мултимедиа“ од 19 до 21 мај во Скопје ја организираат конференцијата „Културлог“.

„Kултурлог“ создава регионална база на знаење

Централниот настан е на 20 мај (вторник) во конференциската сала „Милениум“ во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, каде своите искуства, тези и препораки ќе ги претстават повеќе од 20 интелектуалци од Балканот и од Европа. Меѓу учесниците се релевантни имиња од културата на Балканот и Европа, како добитникот на наградата на Европската фондација за култура – Хрватот Теодор Целакоски, дипломатскиот претставник на aвстриското Министерство за образоание, уметност и култура, Готфрид Вагнер, професорката по културен менаџмент Милена Драгичевиќ – Шешиќ, холандскиот писател Крис Колеманс, како и претставниците од земјава, Маја Мухиќ, Билјана Тануровска – Ќулавковски, Артан Садику и други. Тие ќе отворат повеќе прашања врзани за интеркултурниот дијалог и соработка, предизвиците на разновидноста, улогата на уметноста и на културата во овие рамки.

Конференцијата ќе отвори и теми за врските помеѓу политиката и интеркултурната соработка, иницирањето договори помеѓу креаторите на политиката и политичарите за препознавањето и политичката употреба на интеркултурниот дијалог, а ќе понуди и препораки со кои би се подобрило влијанието на културните политики и програми за културната разновидност во регионов.

„Активностите на проектот имаат за цел да придонесат кон посистематска и сеопфатна анализа и споделување на постојните податоци за културните политики и програми кои се однесуваат на промовирање на културната разноликост и интеркултурниот дијалог во регионот. Ова се постигнува преку комуникација помеѓу засегнатите страни и преку создавање на регионална база на знаење каде што сите постоечки податоци може да се чуваат, организирани и ставени на располагање за споделување и ширење. Таков е веб порталот www.kulturlogue.org, кој е важен производ на проектот, но исто така и евалуацискиот извештај за влијанието на културните политики и програми на разновидност и интеркултурен дијалог во регионот“, вели Виолета Симјановска, извршна директорка на „Мултимедиа“.

„Културлог“ е завршна активност на проектот „Евалуација на културните политики и програмите финансирани од ЕУ како промотори на културна разноликост и интеркултурен дијалог на Балканот”. Овој проект мапираше и истражуваше културни политики, стратегии и голем број проекти кои се занимаваат со интеркултурниот дијалог во повеќе земји, а наодите вклучуваат студии на случај, компаративни анализи на културните политики и програми, мапирање на проекти кои се занимавале со оваа тематика, како и случаи на добри практики.

Општата цел е да се зголеми влијанието на културните политики за промовирање на културната разновидност и интер културниот дијалог во пет држави на Балканот/Југоисточна Европа: Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, споделувајќи и искуства со земја од ЕУ – Австрија.