„Култура во време на корона“ – Град Скопје организира маалски концерти што ќе можат да се гледаат од балконите

Пренамена на средствата во буџетот, одложување на неприоритетните капитални културни инвестиции, загарантиран минимален хонорар за сите ангажирани уметници, адаптирање на програмите на градските институции и логистичка и психолошка поддршка на доајените на културата се мерките кои Град Скопје ги воведе како одговор на барањата на независната културна сцена.

„Скопје како кандидат за европски град на културата 2028 мора да покаже дека се грижи за домашната сцена и особено за локалните невработени уметници во овој критичен период за нивниот опстанок. Затоа, го задржуваме истиот буџет за култура, но средствата ги насочуваме кон луѓето и програмите, наместо кон капиталните инвестиции. Луна Паркот како неприоритетна инвестиција ќе биде одложен за некоја година, но затоа Универзалната Сала и веќе започнатите реконструкции во градските институции ќе се реализираат. Предвидуваме и кратење на буџетите за оние меѓународни настани кои што нема да може да се одржат заради затворените граници и нивно пренасочување во проекти на домашни уметници и здруженија. Ги уверуваме уметниците и културните работници дека нема да бидат заборавени, а нашите сограѓани, иако под изменети околности, и оваа година нема да имаат недостиг од културни содржини“, истакнал градоначалникот Петре Шилегов.

Според предвиденото со програмата „Култура во време на Корона“, дел од проектите поддржани со Јавниот повик за 2020 ќе бидат авансно исплаќани, соодветно на потребите за уметниците од независната културна сцена да добијат помош за надминување на првиот финансиски удар. Со оглед на затворените врати на сите културни институции за време на вонредната состојба, културата ќе биде достапна до сечиј дом. Веќе од наредната недела градот ќе организира маалски концерти кои што ќе имаат можност да се следат од балконите. Притоа, ангажираните изведувачи ќе бидат невработени уметници и ќе добиваат еднаков солидарен хонорар од 14.500 денари.

Овие мерки доаѓаат како резултат на барањата на иницијативата „Културата е насловна страна на секое општество“ кои беа поддржани од ЈАДРО – асоцијација на независната културна сцена и Синдикатот на Културата (СКРМ) до Градот, за заштита на социјалната состојба на уметниците од независната културна сцена, а се изработени од Младинскиот Културен Центар како институција со најголема поврзаност со независната култура.

Ќе се работи на создавање на пост-кризна стратегија за култура која што ќе значи редефинирање на програмите, изработка на нов план на активности, здружено споделување на ресурсите на градските културни установи, како и изнаоѓање на нови простори кои ќе нудат можности за следење на зголемениот број на културни содржини по завршувањето на вонредната состојба.

Програмите на градските културни институции ќе се пренасочат онлајн. „Култура во време на Корона” започнува денес со онлајн прошетка со водичи низ Зоолошка Градина – Скопје.”