Лошата инфраструктура во малите градови, желбата за подобар социјален живот, намалување на изолација од случувањата во големите градови и достапноста до повеќе институции се најчестите причини за сè почестата миграција од село во град.
Сè повеќе граѓани, особено младите, се решаваат на живот во урбаните градови наместо во помалку развиените рурални средини. Овој проблем, иако е присутен во многу развиени земји, постои во голема мера и кај нас, создавајќи ситуација во која најголем дел од економијата се фокусира на развој и инвестиција само во главниот град.
Токму овој проблем ги инспирираше младите Ѓорѓи Димески и Елена Андонова да го започнат своето истражување насловено „Популаризирање на руралноста“. Тие ги согледуваа причините за миграција од руралните во урбаните средини и потребите кои популацијата смета дека не може да ги задоволи надвор од главниот град на државата. При тоа, нудат решение за поттикнување на „контраурбанизацијата“.

Фото: Елена Андонова
„Денес, околу 25% од вкупното население во нашата држава живее во скопскиот регион, најмногу во градот Скопје. Сликовито прикажано, ова значи дека околу една четвртина од вкупното насление живее на 2,5% од целата територија на државата.“, објасни Елена.
„Ова е загрижувачки огромен број на жители на мало растојание што доведува до целосен моноцентричен развој на економијата во Република Северна Македнија“, дополни таа.
Нивен фокус во истражувањето е „креативната класа“ на работници, главно составена од фриленс работници од областите: маркетинг, архитектура, уметност, компјутерски инженеринг, дизајн, развивање софтвери…
Резултатите покажуваат дека фриленсерите под 27 години не посакуваат трајна селидба во мали, неразвиени места.
„Имав искуство со живеење во рурална средина и во еден момент реков: Доста е! Сакам случувања, настани, свирки….“, вели еден од испитаниците во истражувањето.
„На долг рок, не би имала помал стрес од живеење во рурална средина. Мене големи места не ми предизвикуваат толкав стрес, а во мали се чувствувам оттуѓена. Како да немам допир со ништо“, вели друга испитаничка.
„Контраурбанизацијата“ е возможна, но потребни се услови
Меѓу младите има интерес за миграција во рурална средина, велат Ѓорѓи и Елена. Најмногу поради намалениот стрес и значително почистата средина. Но, за тоа да се случи, потребно е условите за живот и работа да се подеднакво квалитетни како во главниот град.
Како решение, тие го предлагаат концептот на коработење. Станува збор за работење во заеднички простор каде самовработени или фриленсери може да споделуваат опрема, интернет, место за релаксација, како и да разменуваат идеи и знаења.
Според Ѓорѓи и Елена, ова е иделно за фриленсерите, бидејќи нивната работа не бара многу опрема – најчесто само лаптоп и слична лесно пренослива алатка.

Фото: „Мокрин хаус“ во Србија
Успешен пример од регионот за ваков простор е „Мокрин-хаус“ во српското гратче Мокрин. Станува збор за кампус составен од 6 зданија во кој истовремено можат да работат и до 32 корисници. Храната и останатите производи доаѓаат од локалните жители, а корисниците на овој простор се во постојан однос со локалното насление, стимулирајќи го развојот на руралната средина.
За ваквата идеја да биде успешна и на друго место, потребно е да се почитуваат културата и традицијата на локалното население, вели Тамара Којиќ, генералната менаџерка на Мокрин-хаус за истражувањето. Според неа, ова е клучно за локалците да соработуваат со корисниците на просторот, што на долг рок би овозможило развој на локалната економија.
„Треба да се даде особено внимание на специфичностите на локалното опкружувањ.“, изјави Којиќ за истражувањето. „Нашата цел е да им дадеме причина на локалните жители да останат во селото, на оние кои заминале да се вратат, а оние кои никогаш не го посетиле, да дојдат и да останат.“
Бучава, загаденост, стрес – главни причини за напуштање на урбаните средини
Кај голем број од испитаниците се јавуваат слични причини поради кои би ги напуштиле урбаните средини во кои живеат. Па така, бучавата, загаденоста, стресот, хаосот и натрупаноста се најчесто цитираните проблеми.
За Немања Трајковиќ, млад фриленсер кој беше дел од фокус групата на ова истражување, загадувањето и личниот темперамент се најголемите причини зошто тој би се отселил од главниот град во помало место.
„Јас преферирам живот во помало, помирно, позелено место се додека работата не ми зависи директно од околината“, вели тој.
„Доколку некое вакво чисто, мирно место биде инфраструктурно оспособено (добри патишта, канализација, струја, интернет), јас би немал проблем со селење во тоа место.“

Фото: Ѓорѓи Димески
Сепак, различни професии налагаат различни услови (неутрално светло за фотограф, потивка просторија за консултант….), па така, би биле потребни повеќе специјализирани простории за различни видови професии, сметаат младите истражувачи Ѓорѓи и Елена.
„Тие ќе бидат корисни не само за нивните корисници, туку и за месното население во областа каде ќе се изградат. Иако оваа класа преферира самовработување, односно целат кон работа како фриленсери, а не отворање на сопствени бизниси, сепак до одреден степен би влијаеле врз пораст на локалната економија и развој на севкупниот живот во областа“, се вели во истражувањето на Ѓорѓи и Елена.
Сепак, организирање на разни културни и спортски настани, но и зголемено користење на локалните услуги и производи се првиот чекор кон стабилизирање на руралните средини, полнејќи ги нив со млади професионалци.
Георги Божиновски