„Кубанска џез експлозија“: Националниот џез оркестар со Ален Перез во Скопје

На 16 април, со почеток во 20 часот, Националниот џез оркестар ќе одржи ексклузивен концерт „Кубанска џез експлозија“ во Националната опера и балет во Скопје, заедно со светски реномираниот кубански музичар Ален Перез и неговата осумчлена ритам-секција „Оркестра“.

Настанот е дел од европската турнеја „Ла Фиеста“, која ја носи автентичната енергија на кубанската музика на најзначајните сцени низ Европа. Со спој на салса, тимба и џез, концертот ветува вечер исполнета со ритам, страст и врвна музичка изведба.

Ален Перез е мултиинструменталист, пејач, композитор и продуцент со богата интернационална кариера. Светското признание го стекна како член на легендарниот состав „Иракере“, под водство на Чучо Валдес, како и преку соработката со фламенко-иконата Пако де Лусија.

Во текот на својата кариера, Перез соработувал со бројни светски музички имиња, градејќи препознатлив звук што ги обединува салсата, тимбата, џезот и фламенкото во енергична и автентична музичка целина.

Добитник е на престижни награди како „Греми“ и „Латин Греми“, а денес се смета за еден од најзначајните претставници на современата афро-кубанска музика.