Намалување на данокот на производите за менструална хигиена од 18 отсто на 5 отсто, делење бесплатни пакети за менструална хигиена на секој први во месецот, воведување сеопфатно сексуално образование за намалување на стигмата, но и менструалното отсуство беа темите на онлајн дискусијата „Менструална правда во македонското општество”. На трибината беа претставени релевантни истражувања за менструалните предрасуди и менструална стигма, со посебен фокус на менструална правда во македонското општество.
Активистката Јана Коцевска од невладината организација „Тиииит! Инк“, истакна дека темата за менструална правда и менструална сиромаштија треба да е присутна и на повисоко политичко ниво. Таа додаде дека во соработка со РЕАКТОР, направиле истражување во два дела во кои ги испитале искуствата, практиките, ставовите и одржувањето на менструалната хигиена.
Таа нагласи дека во онлајн истражувањето учестувале 2696 граѓани од кои 98 отсто жени од урбана средина и просечна возраст од 28 години. Таа додаде дека се надева дека во иднина ќе бидат застапени сите региони во државата, со што ќе се создаде сеопфатна слика. Коцеска додаде дека во сеопфатната студија ќе бидат вклучени и средните училишта, а веќе се приклучени 17 училишта од сите региони и 500 девојки од 14 до 18 години.
Споделувајќи ги наодите од онлајн истражувањето, Коцеска нагласи дека секоја трета учесничка одговорила дека немала пари за влошки и неретко правела крпи од тоалетна хартија.
„71% од испитаничките и испитаниците користат лекарства против менструална болка. Скоро половина од жените одговориле дека имаат многу силна болка за која ретко се зборува. Едноставно, на жените не им се верува дека доживуваат големи болки. Повеќе од половина испитанички одговориле дека реагирале со страв на првата менструација, а скоро 540 жени и девојки при првата менструација криеле и не споделиле со нивните блиски“, истакна Коцевска.
Таа дополни дека 61 отсто од испитаничките одговориле дека дамките од менстуација и протекувањето е срамота, а таквото воспитување го добиле од родителите и домот. Коцевска нагласи и дека 53 отсто од жените одговориле дека се чувствуваат нечисто при менструалниот циклус, а над 40 отсто од жените одговориле дека ги криеле влошките при купување или во образовна и работна средина.
Катерина Иванова, претставничка на невладината организација ХЕРА нагласи дека сеопфатното сексуално образование е потребно бидејќи на младите лица ќе им служи како алатка за преживување и уништување на стигмите околу менструацијата.
„Многу сум среќна што ССО ќе биде предмет во училиштатата, па овие проблеми ќе ги разработуваме во институционална средина. Генерациите што доаѓаат нема да се срамат како ние што се срамевме. Девојките секојдневно имаат прашања и сакаат да знаат повеќе. Се чувствува нивниот срам, но се чувствува и желбата да дознаат повеќе за себе и да престанат да се срамат“, нагласи Иванова.
Таа додаде дека кога ќе научиме дека дека промените и посрамувањето се штетни, кога ќе престанеме да ја оставаме едукацијата на маркетинг компаниите, тогаш ќе ја уништиме стигмата и нема да го плаќаме данокот на патријахатот со нашето здравје.
Наташа Доковска од невладината организација „Новинари за човекови права” истакна дека напорите на организацијата на оваа тема не наишла на поддршка од невладините организации и политичките партии за искоренување на менструалната сиромаштија. Според неа, не само што не е направен ниту еден чекор напред за решавање на овој проблем, туку напротив, проблемите се зголемени во време на пандемија.
„Во Македонија не е исполнет ниту еден критериум за меструално здравје. Засега, 4 училишта – две од Ресен и две од Тетово кои се снабдени со пакети за менструално здравје и класните раководители добиваат пакети. Она што загрижува е што во државава се продлабочува јазот на жени што не можат да си дозволат производи, над 10 % од жени немаат можност да купат никакви средства, па сами прават влошки за менструална хигиена“, вели Доковска.
Таа нагласи дека во едно петчлено семејство со минимални месечни примања, треба да одвои од 15 до 17 отсто од буџетот за производи за менструална хигиена, па дел од девојчињата не одат на училиште, а мајките не одат на работа.
Доковска додаде дека петицијата за намалувањето на таксата за производите за менстуална хигиена засега има собрани над 2000 потписи, бројка што е резултат на пандемијата и онлајн собирањето на потписи. Таа истовремено посочи и дека организацијата прави анализа на трошоци за тоа што ќе значи намалувањето на данокот на производите за менструална хигиена, имајќи предвид дека ова не се луксузни туку основни средства.
„Наскоро ќе излеземе со анализата. Има 12 увозници за хигиенски средства за меструација и има еден домашен производител на влошки. Нема свесност за еколошки безбедни средства, а во јули 2021 во Европа ќе стапи на сила Резолуцијата за забрана на производи за еднократна употреба. Кај нас не се знае што ќе се случи, се создава отпад од 6 милиони влошки месечно, а немаме решение и не се прави селектирање на отпад“, истакна таа.
Таа додаде и дека започнат е проект и за носење политики за месечно платено отсуство за време на месечните циклуси, бидејќи како што рече, последното истражување покажало дека голем број од жените имаат болни менструации и потребни се 1-2 дена отсуство.
И.С.