Кризата во Газа само се зголемува, Израел продолжува со интензивно бомбандирање

Кризата во Газа достигна еден од своите најтемни периоди, бидејќи Израел го блокира внесувањето храна и залихи на територијата и продолжува со интензивираната кампања на бомбардирање, јавува АП.

Хуманитарните претставници предупредуваат дека глад се заканува да го зафати регионот. Лекарите велат дека немаат лекови за лекување на рутински состојби. Израелските лидери се закануваат со уште поинтензивна копнена офанзива. Војската се подготвува за формирање нова организација со поддршка од САД која ќе ја преземе испораката на помош, и покрај алармите од хуманитарните групи дека плановите нема да ги задоволат огромните потреби и би можеле да постават ограничувања за оние кои имаат право на помош. Не е јасно кога би започнале операциите или кој би ги финансирал.

„Ова е најсмртоносната и најдеструктивната фаза од израелската војна врз Газа, а сепак светот се сврте настрана. По 19 месеци ужас, Газа стана место каде што меѓународното право е суспендирано, а човештвото е напуштено“, рече Бушра Халиди, раководителка на политиката за Израел и окупираната палестинска територија во хуманитарната непрофитна организација Оксфам.

Бројот на жртви расте од зголеменото израелско бомбардирање. Израел го прекина шестнеделното примирје кон средината на март и ги продолжи нападите во Газа, велејќи дека воениот притисок врз Хамас е најдобриот начин да се поттикне милитантната група да ослободи повеќе заложници. Но, преговорите за прекин на огнот остануваат во ќорсокак, а голем број цивили се убиени во израелските воздушни напади.

Во петокот, во израелските воздушни напади загинаа 108 Палестинци, со што бројот на жртви во изминатите три дена се зголеми на повеќе од 200. Овие бројки доаѓаат од палестинското Министерство за здравство, тело управувано од владата на Хамас кое не прави разлика помеѓу цивили и борци.

Нападите – често ноќе, додека луѓето спијат во своите шатори – директно ги таргетираа болниците, училиштата, медицинските клиники, џамиите и еден тајландски ресторан претворен во засолниште. Европската болница, единствениот преостанат објект што обезбедува третмани за рак во Газа, беше ставена надвор од употреба.

Израел вели дека напаѓа само милитанти и го обвинува Хамас дека користи цивили како човечки штитови.

Но, бројот на жртви достигна исто ниво на интензитет како и во најраните денови од војната, кога Израел ја нападна Газа со воздушни напади по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, изјави Емили Трип, извршна директорка на „Ерварс“, независна група во Лондон која ги следи неодамнешните конфликти.

Таа вели дека прелиминарните податоци покажуваат дека бројот на инциденти во кои најмалку едно лице било убиено или повредено од израелски оган се движел околу 700 во април. Тоа е бројка споредлива само со октомври или декември 2023 година – еден од најтешките периоди на бомбардирање.

Во последните 10 дена од март, УНИЦЕФ проценува дека просечно по 100 деца биле убиени или осакатени од израелските воздушни напади секој ден.

Речиси 3.000 од проценетите 53.000 загинати од 7 октомври 2023 година, се убиени откако Израел го прекрши примирјето на 18 март, соопшти министерството.