Кривична пријава за управителот на „Интермецо“, кафе-барот работел и покрај забраната

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, денес во Основното јавно обвинителство (ОЈО) поднесе кривичната пријава против управителот на кафе-барот „Интермецо“, кој работеше и покрај забраната за работа.

Кривичната пријава, како што соопштија од Општината, е поднесена за Димитрије Јовановиќ, управител на Друштво за угостителство, трговија и услуги Фор Фингерс ДОО Скопје и овластено лице на подружница 1 Интермецо Скопје. Пријавата е поднесена согласно членот 389 од Кривичниот законик, односно за сторено кривично дело – симнување или оштетување на службен печат или знак што го ставило овластено лице заради осигурување на предмет или просторија. Согласно овој член, оној што ќе влезе во ваква просторија или отвори осигурен предмет, се казнува парично или со затвор до три години.

„Општина Центар, на барање на жителите кои живеат во овој дел од општината, неколку пати претходно го опоменуваше и санкционираше кафе барот „Интермецо“ за прекршување на Законот за заштита на животната средина во однос на надминувањето на дозволеното ниво на бучава. На кафе барот „Интермецо“ досега поради гласна музика и бучава му беше изречена една мандатна глоба во висина од 6000 евра, потоа откако кафе барот продолжи со непочитување на законските мерки, Општина Центар му изрече уште една глоба од 6000 евра и му забрани да врши угостителска дејност во траење од 30 дена“, потсетуваат од Општината.

Тие соопштија дека откако локалот беше затворен, незаконски била тргната службената пломба на влезот и  истиот ден „Интермецо“ продолжил со работа.