Креиранo решение за платформа за подобра комуникација помеѓу граѓаните и општините

Тимот БИНТЕРН е победник на четиридневниот предизвик за креирање онлајн платформа за поголема транспарентност на општините. Предизвикот е иницијатива на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој.

Идејата на платформата е поголема вклученост и придонес на македонските граѓани во одлучувањето за сопствената урбана средина во која живеат.

За времетраењето на Предизвикот, учесниците, водени од стручни ментори, изработија предлози за иновативни софтверски и мултимедијални решенија, кои што треба да овозможат вклученост на граѓаните од аспект на 4 принципи на локална демократија: еднаквост, вклученост, транспарентност и отчетност.

„Имајќи ја предвид постоечката состојба на општините во овие области, како и огромните разлики во постоечките услови кај општините од различни региони, веруваме дека решението ќе доведе до  значително подобрување на комуникацијата меѓу граѓаните и општините. Преку оваа платформа, граѓаните ќе имаат поедноставен пристап до општините, трошењето на граѓанските буџети, носењето одлуки од страна на локалните власти и квалитетот на истите“, велат од ЗМАИ.

Победникот на Предизвикот, БИНТЕРН, ќе добие награда од 500.000 (петстотини илјади) денари за да го имплементира своето решение.

Паричната награда е обезбедена во рамки на проектот „Преку инклузија и транспарентност до еднаквост и квалитет: Подобрување на процесите на локално буџетирање во Северна Македонија”, поддржан од Шведскиот меѓународен центар за локална Демократија (ICLD).