Најголемите светски компании, лидери на држави и водечки личности во политиката, забавната индустрија и спортот, кои го складирале своето богатство во тајни даночни раеви се откриени во последниот проток на податоци наречени „Рајски документи“.
Деталите доаѓаат од вкупно 13,4 милиони документи кои ја обелоденуваат глобалната средина во која можат да се вршат даночни злоупотреби, како и комплексните начини преку кои најголемите корпорации можат легално да го заштитат своето богатство.
Материјалите, кои доаѓаат од два провајдери кои нудат офшор услуги, како и регистри на компании од 19 даночни раеви, се обезбедени од германскиот весник Зидојче Цајтунг, а се споделени преку Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ) во партнерство со Гардијан, ББЦ и Њујорк Тајмс.
Помеѓу позначајните информации кои ги откриваат „Рајските документи“ се:
- Милиони фунти од приватното богатство на британската Кралица било инвестирано во фонд на Кајманските Острови и некои од нејзините средства биле дадени на компанија за продажба која е обвинета за злоупотреба на сиромашни семејства и ранливи категории луѓе.
- Голем број офшор трансакции од членови на кабинетот на Доналд Трамп, негови советници и донатори, помеѓу останатото и значителни плаќања од компанија во косопственост на зетот на Владимир Путин до фирма за поморски сообраќај на американскиот секретар за комерција, Вилбур Рос.
- Како Твитер и Фејсбук добиле стотици милиони долари во инвестиции кои можат да се следат наназад до руски државни финансиски институции.
- Труст за избегнување на одданочување на Кајманските Острови раководен од главниот сметководител на канадскиот премиер Џастин Трудо.
- Агресивни избегнување на одданочување од мултинационални компании, помеѓу нив и Најк и Епл.
- Како некои од најголемите имиња од филмската и телевизиската индустрија го заштитуваат своето богатство со големи офшор шеми.
- Комплексна офшор мрежа користена од двајца руски милијардери за купување акции во фудбалските клубови Арсенал и Евертон.
Протечените документи ќе извршат притисок врз светските лидери, помеѓу другите и врз Доналд Трамп и британската премиерка Тереза Меј, кои се заложија за ставање крај на агресивните шеми за избегнување данок.
Објавата на ова истражување, на кое една година работеле 380 новинари, комбинирајќи податоци кои се стари и по 70 години, доаѓа во период на растечка глобална нееднаквост.
Во меѓувреме, мултинационалните компании го префрлаат значителниот дел од својот профит офшор – 600 милијарди евра само минатата година, открива економистот Габриел Зукман во студија која треба да биде објавена оваа недела.
„Рајските документи“ се втор најголем проток на тајни документи во историјата, веднаш по „Документите од Панама“ објавени минатата година.