Скопското кафе и кино „Котур“ денеска го одбележува својот седми роденден, кој ќе се реализира со програма во склоп на петтиот ден на фестивалот „Ѕирни“.
Денеска од 18 часот започнува 48-часовниот филмски предизвик, каде неколку тимови од филмски ентузијасти ќе имаат шанса да направат филм за време на 48 часа.
Сите направени филмови ќе бидат проектирани и се натпреваруваат зa најдобар филм од предизвикот. Овогодишната жири комисија за предизвикот ја сочинуваат: Горјан Атанасов – монтажер, Слаѓана Вујосевиќ – актерка и Игор Христов – режисер.
Официјалната прослава за седмиот роденден исто така ќе започне од 18 часот со концерт во дворче на „Hot jazz orkestar“ (Бојан Петков гитара, Иво Солдатовиќ кларинет, Андреј Момировски гитара и Александар Ниниќ туба), а во 20 часот ќе се заокружи со музичка селекција на плочи од Игор Спиркоски, Double G и Марко.
Фестивалот продолжува со реализација на програмата до 6 октомври. Распоредот и програмата се достапни на социјалните мрежи и веб-страницата на „Ѕирни“ www.dzirnifestival.com
Во духот на роденденот, во продолжение потсетуваме на интервју со дечките од „Котур“, на самите почетоци на ова кафе-кино што функционира до некогашниот „Форум“.