Од денес во Костарика се дозволени истополовите бракови, а со ова, Костарика стана прва земја во Централна Америка која донесе таква одлука, јавува„Ројтерс“.
Уставниот суд во Костарика во август 2018 година донесе пресуда дека забраната за истополови бракови е противуставна и му даде рок од 18 месеци на парламентот да го уреди законодавството, или во спротивно одредбата автоматски да се поништи.
На почетокот на месецов, повеќе од 20 пратеници се обидоа да ја одложат одлуката, но безуспешно.
„Костарика денес слави, еднаквоста околу правото на брак стана реалност“, објавија на Твитер од Меѓународната лезбејска, геј, бисексуална, трансексулна и интерсекс асоцијација (ИЛГА).
Претседателот на Костарика Карлос Алварадо Кесада изјави дека одлуката ќе предизвика значајна социјална и културна трансформација на земјата.
„Гејовите и лезбејките ќе имаат исти права како и сите луѓе, двојки, семејства во земјата“, изјави тој во телевизиското обраќање.
Со оваа одлука, Костарика стана шеста земја во Јужна Америка и прва во Централна Америка каде се дозволени геј бракови.
Пред неа, тоа го сторија Аргентина, Еквадор, Бразил, Колумбија, Уругвај и делови од Мексико.