Костадиновска-Стојчевска: Седум години не се постапувало по Планот за управување со Охридскиот Регион, последиците ги гледаме сега

„Првата реактивна мисија на УНЕСКО дошла во земjaва во 2017 година, кога се воочило преголемо дерогирање на карактеристиките на Охридскиот Регион. Има седум години вакуум, кога не се постапувало воопшто по Планот за управување со Охридскиот Регион. Сега ги гледаме последиците од тоа“ рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска за Сител.

Според министерката за култура од донесувањето на Законот за управување во Охридскиот регион во 2010 година не се преземале никакви мерки до 2017 година што довело до загрозување на статусот во УНЕСКО.

„Процесот за исполнување на препораките од УНЕСКО за заштита на Охридскиот Регион е процес на кој не може да се стави точка. Не може да кажеме дека сме задоволни и тука да застанеме. Овој процес ќе продолжи и по исполнувањето на 19 препораки“, посочи Костадиновска-Стојчевска додавајќи дека во зачувување на статусот на заштитено наследство треба да се вклучи целата држава.

Според министерката за култура не е крај на светот доколку сме ставени на листата на наследство во опасност, но тоа ќе значи поголеми контроли и реферирање до УНЕСКО секоја година.

Таа во однос на дивоградбите изјави дека министерството може да помогне и за ситуацијата во Струга, ако тие немаат капацитети или средства.

„Ќе најдеме стручен тим за да се мапираат дивоградбите. Доколку не одговорат на последното задолжување од Владата, имаме начин како да пратиме таму некој да ги мапира бесправно изградените објекти за да знаеме што може да направиме понатаму“, рече министерката.

Костадиновска-Стојчевска додаде дека не мора Општината да побара помош и кажа дека одземањето на надлежностите на Општината не е едноставно, но е една од опциите доколку не се постапува по барањата на Владата.

Радио МОФ направи направи текст за одржливиот туризам и препораките на УНЕСКО. Анализиравме како Планот за управување има повеќе рокови врзани со Стратегија за одржлив туризам, План за посетители и разни документи кои не се реализирани или се поминати првичните рокови.

Наместо само лежење на плажа, на Охрид му треба и одржлив туризам ако сака да лежи под УНЕСКО