Коронавирусот има ниска стапка на смртност, а повеќето пациенти закрепнуваат – тогаш чуму паниката?

Појавата на новиот коронавирус предизвика страв и вознемиреност низ целиот свет. Пневмонијалниот вирус, кој потекнува од Вухан, Кина, зарази повеќе од 9.700 луѓе и уби 213.

Досега вирусот не се чини толку смртоносен како САРС, во кој загинаа 774 лица од 2002 до 2003 година. САРС има стапка на смртност од 9,6%, додека од коронавирусот починале околу 2% од луѓето што се заразени. Но, бројот на заразени лица по еден месец веќе ја надмина вкупната осуммесечна појава на САРС.

Многу пациенти со коронавирус веќе целосно закрепнале. Според кинеските власти, повеќето од оние што починале биле постари лица или имале други заболувања кои го загрозуваат нивниот имунолошки систем.

Експертите велат дека во најголем дел, глобалната паника за коронавирусот е непродуктивна и неоправдана: Јавноста треба да преземе мерки на претпазливост за да не се разболи, но најефикасните превентивни мерки се секојдневните активности како почесто миење на рацете и не допирање на лицето.

Експерт исто така посочија дека стравот нема да го запре ширењето на вирусот и може да предизвика негативни социјални влијанија.

„Има ширење на заразна болест, а потоа се шири паника“, рече Амира Рос, професорка за глобално здравство и епидемиологија на универзитетот Џорџ Мејсон, за „Бизнис инсајдер“. „Тие имаат многу различни механизми“.

Во раните фази на појава на заразна болест, додаде Рос, голем дел од паниката е „страв од непознатото“. Психолошкото истражување покажа дека новите закани ги зголемуваат нивоата на вознемиреност повеќе од познатите закани.

Оваа се покажа за време на појавата на ебола во Западна Африка од 2014 до 2016 година, според Пол Словиќ, психолог и претседател на непрофитната организација „Decision Research“.

„Минутата откако беше соопштена заканата од ебола, ги погоди сите жешки копчиња: Може да биде фатална, невидлива е и е тешко да се заштитиш од неа, изложеноста е неволна, и не е јасно дали надлежните ја контролираат ситуацијата“.

Како и да е, појавата на ебола во минатото имаше многу повисоки стапки на смртност од САРС и новиот коронавирус: 25 до 90%. Во светски рамки, ебола уби повеќе од 33.000 луѓе од 1976 година.

Но, коронавирусот поттикна и други проблеми. Државјани со азиско потекло во Франција, Канада и САД споделуваат инциденти на расизам заради јавни стравувања од вирусот.

„Гардијан“ објави дека скоро 9,000 родители во близина на Торонто потпишале петиција за да ги спречат учениците кои патувале во Кина во изминатите 17 дена да не одат на училиште.

„Ова мора да запре. Престанете да јадете диви животни и потоа да ги заразувате сите околу вас“, напишал еден потписник на петицијата. „Запрете го ширењето и ставете се во карантини или вратете се назад“.

„Њујорк Тајмс“ објави дека бизниси низ Хонг Конг, Јужна Кореја и Виетнам објавиле знаци во кои им се вели на клиенти дека не се добредојдени.

Азиските студенти на Државниот универзитет во Аризона, каде беше потврден случај на коронавирус во САД – рекоа дека се соочуваат со потсмев, чудни погледи и изолација на кампусот.

„Кашлам на час и сите ме гледаат“, изјави студент за „Бизнис инсајдер“.

Исто така, се шират и погрешни информации за коронавирусот – не, маслото од оригано нема да го излечи, ниту пак пиејќи средство за избелување.

Експертите велат дека неколку фактори треба да ги олеснат стравовите за коронавирусот: Прво, вирусот беше идентификуван побрзо од кој било досега. Една недела откако беше откриен, кинеските власти веќе го секвенцираа вирусот и го споделија со лаборатории низ целиот свет.

„Нешто што е извонредно овде е дека во рок од една недела, РНК секвенците на вирусот се достапни на Интернет, а многумина можат да го разгледаат и да започнат да го разбираат“, рече Ричард Мартинело, вонреден професор за заразна болест на „Јејл“ школата за медицина за „Бизнис Инсајдер“. „Тоа е нешто што никогаш не било направено“.

Второ, разновидните достигнувања во медицинската технологија им овозможија на клиничките лаборатории и експертите да спроведат повеќе детални истражувања за начинот на работа на овие зоолошки вируси.

Мартинело се надева дека широко распространетата загриженост за коронавирусот ќе доведе до пониски стапки на сезонски грип оваа година бидејќи луѓето преземаат подобри мерки на претпазливост.