Копродукцискиот филм „Банат“ селектиран за Венецискиот филмски фестивал

Долгометражниот игран филм „Банат“ во режија на Адријано Валерио, копродукција меѓу Италија, Македонија, Романија и Бугарија, ќе биде прикажан во натпреварувачката програма „Недела на критиката“ на Венецискиот филмски фестивал, соопшти македонската продуцентска куќа „КТ филм и медиа“.

Режисерот на филмот, Адриано Валерио е еден од најдобрите млади режисери во Европа и добитник на наградата „Златна Палма“ за краток филм на филмскиот фестивал во Кан. Во филмот „Банат“ главните улоги ги толкуваат Едуардо Габриелини од Италија и Елена Радончиќ Црна Гора, а македонскиот тим го претставуваат Роберт Јанкуловски кој заедно со Џонатан Рикебург од Франција се директори на фотографија, сценограф е Викторија Динева, мејк-ап артист Марина Цигарида, Петар Трајчевски-менаџер на локации, Саша Станишиќ-асистент на режија, Бурим Муслиу-асистент костимограф и други лица.

„Банат“ е приказна за дилемите и конфликтите со кои двајца млади и заљубени луѓе се соочуваат во потрагата по подобар живот во свет кој се менува и глобализира. Филмот е еден вид метафора на нова Европа и на малиот човек во неа, краток трагикомичен фељтон за потрагата по подобар живот на луѓе од Европа кои не можат да ја најдат иднината во својата земја.

Во сценариото за филмот Иво (Едоардо Габриелини – добитник на наградата „Пасинети“ на Венецискиот филмски фестивал) и Клара (Елена Радоничиќ) живеат во Бари. Иво е агроном кој е принуден да прифати работно место во Романија. Клара, пак, штотуку излегува од тешка љубовна приказна. Тие се среќаваат случајно во станот на ексцентричната дама Нити (познатата актерка Пиера Дегли Еспости): тој го напушта станот каде живее под кирија, а таа е новиот станар. Таа вечер ја поминуваат заедно, разговарајќи меѓу кутиите подготвени за заминување и останување…