Конститутивната седница на Собранието закажана за 4 август напладне

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери го потпиша Решението за свикување на првата конститутивна седница на Собранието, односно, таа е закажана за на 4 август, во вторник, со почеток од 12 часот.

Седницата ќе се одвива според протоколи и критериуми кои се утврдени во координација со претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, со цел да се намали ризикот од евентуално ширење на Ковид-19, информираат од Собранието.

„На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието ќе им биде мерена телесна температура, по што ќе им биде овозможено да влезат во зградата. На сите влезови ќе бидат обезбедени средства за
дезинфекција“, стои во соопштението од Собранието.

Конститутивната седница, поради тоа што е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, ќе се одржи во Големата сала на Собранието, односно во салата, која е позната во јавноста како Голема купола.

„Пратениците ќе бидат на соодветна дистанца и ќе им биде обезбедена заштитна опрема. Гласањето на седницата ќе се одвива рачно (со картончиња), а од седницата ќе има директен пренос на Собранискиот канал на Националниот радидифузен сервис МРТ. Пренос од Конститутивната седница гостите ќе следат од пленарната сала „Македонија“, каде што ќе биде обезбедена неопходната физичка дистанца. Во текот на денот, во сите простории каде што има активности, по нивното завршување ќе се прави дезинфекција“, додаваат од Собранието.

Одредени протоколи за следење на седницата ќе важат и за претставниците на медиумите, во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести.

„За да се избегне поголемо групирање, Конститутивната седница ќе може да ја следат најмногу по двајца претставници од секој медиум. Медиумите чии претставници ќе ја следат Конститутивната седница, треба да го пријават нивното присуството во Одделението за односи со јавност на Собранието, на следната е-маил адреса: jinformiranje@sobranie.mk (име и презиме, адреса на живеење и е-маил адреса) до 31.7.2020 година (петок). Напоменуваме дека согласно препораките на Комисијата
за заразни болести, капацитетот на просторот дозволува најмногу 50 претставници на медиумите“, соопштуваат од Собранието.