Концерти за деца „Магичен квартет“ на 2 и 4 декември

Пламенка Трајковска – гудачки квартет ќе реализира концерти за деца со наслов „Магичен квартет“ на втори  и четврти декември во општините Ѓорче Петров и Бутел и онлајн.

Концертот на втори декември ќе се реализира во училиштето Ѓорче Петров во 9 часот, а ќе се пренесува во живо онлајн на фејсбук  страната на Класика за деца. Концертот во општина Бутел ќе се реализира на отворено на четврти декември во 11 часот.

Програмата на концертите се состои од познати дела од класичниот репертоар и имаат за цел да ја доближат класичната музика пред детската публика. Концертите ќе бидат интерактивни со анимациски елементи и мултимедијални.

Во гудачкиот квартет покрај Пламенка Трајковска ќе настапат Наташа Диденко на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело.

Пламенка Трајковска заедно со своите музичарки досега имаат реализирано голем број на концерти за деца. Во 2019 Пламенка го издаде ЦД -то со музика за деца со композицијата Карневал на животните од Камиј Сен Санс во адаптација за виолина и пијано.

Концертите се поддржани од Град Скопје во рамките на програмата ,,Од центарот кон периферијата: Културата како алатка за социјален развој,, како и од општините Ѓорче Петров и Бутел, а ќе се реализираат во согласност со протоколите за реализирање концерти во пандемија.