Концерт на студентите од ФМУ вечерва во „Кафе Литература“ во „Дајмонд мол“ и во живо на радио „Џез ФМ“

Студентите од поп и џез-катедрата при Факултетот за музичка уметност – Скопје ќе одржат концерт вечерва, 29 мај, со почеток во 21:30 часот, во „Кафе Литература“ во „Дајмонд мол“.

Настанот е резултат на новата соработка меѓу радиото „Џез ФМ“ и ФМУ – Скопје, чија цел е да се обезбеди простор за младите музичари и нивните ментори да го презентираат и промовираат својот труд и креативност, во согласност со афинитетите и современите насоки на младата џез-сцена во Македонија. Концертот ќе биде пренесуван во живо на фреквенцијата 100,8 MHz, како и онлајн преку веб-страницата jazzfm.mk.

„Овој концерт го означува почетокот на една плодна соработка, преку која студентите и професорите од ФМУ Скопје ќе добијат простор во етерот на ‘Џез ФМ’ радио за презентација на своите проекти, концерти и идеи. Преку вакви иницијативи, ‘Џез ФМ’ и ФМУ – Скопје прават чекор кон поддршка на младите уметници и развојот на локалната џез-сцена, со надеж дека ќе се отвори поголем простор за нивна афирмација, соработка и творештво“, истакнуваат од радиото.