Концерт на познатиот виолинист Стефан Миленковиќ за патронатот на УКИМ

По повод патрониот празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, утре (19 мај) ќе се одржи концерт во Македонски народен театар со виолониститот Стефан Миленковиќ како ексклузивен гостин и Симфонискиот оркестар на ФМУ – Скопје.

На програмата се дела од Михаил Иванович Глинка, Феликс Менделсон, Хектор Берлиоз и Николо Паганини.  Во рамките на Свечената академија на 19 мај, настапот на Симфонискиот оркестар на ФМУ ќе го води диригентот Саша Николовски – Ѓумар.

Кариерата на Миленковиќ започнува многу рано, на 5 годишна возраст. Вниманието на пошироката јавност го привлекува на 10 години, кога по покана од Белата куќа, Миленковиќ настапува на т.н. Божиќно шоу (Christmas Show), пред тогашниот претседател на Соединетите Американски Држави – Роналд Реган. Веднаш потоа, започнува неговото интернационално претставување. Уште од времето кога беше нарекуван „чудо од дете“ , редовно ги воодушевуваше љубителите на музиката низ целиот свет. Подоцна овој мајстор на виолината ја надгради исклучителната концертна активност настапувајќи со најреномираните светски оркестри и музички уметници. Има издадено голем број носачи на звук, а значајна е и неговата хуманитарна работа.

Почетокот на Свечената академија е во 20 часот.