Концерт на „Фолтин“ утре во Прилеп

Целовечерен самостоен концерт на „Фолтин“ ќе се одржи во сабота, 6 септември, на летната сцена на ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, со почеток во 21:30 часот.

„Оваа и следната година ‘Фолтин’ ја одбележуваат својата 30-годишнина од формирањето и првиот самостоен концерт. Основана во 1995 година во Битола, групата е препознатлива по својот уметнички и експериментален израз. Текстовите често се фонетска имитација на неколку медитерански јазици – ‘спонтан есперанто’, како што самите го нарекуваат. Нивниот препознатлив стил, ‘псевдо-емигрантско кабаре’, е амалгам од традиционална музика, електроника и рок, збогатен со визуелни елементи од кабаре и перформанс“, пишува во соопштението.

Со текстовите на македонски јазик, ‘Фолтин’ отвора ново поглавје, внесувајќи влијанија од алтернативниот рок и новиот бран, но задржувајќи ја врската со традиционалната музика и концептот на кабаре. Групата има објавено повеќе од десет студиски изданија, а нивната музика е дел од над триесет театарски претстави и неколку филмови („Плати и жени“, „Со љубов“, „Исцелител“, „Медена земја“ и др.).

Настанот се организира во соработка со ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп и е финансиски поддржан во рамките на Програмата за проекти од национален интерес за 2025 година на Министерството за култура и туризам на Македонија.