Пред смртта, најголемиот шверцер на дрога во Колумбија и шеф на картелот „Меделин“, Пабло Ескобар, успеа да стекне огромно богатство. Зад себе тој остави голем број на недвижнини, вклучувајќи згради, вили, но и луксузни автомобили, приватни авиони, хеликоптери, накит и скапи слики.
Но, можеби неговата најголема ексцентричност ја стекнал со зоолошката градина во која живееле околу 1.200 егзотични животни од целиот свет, вклучително и слонови, ноеви, зебри, камили, жирафи и нилски коњи што ги чуваше на неговиот приватен ранч.
Животните биле шверцувани во земјата со помош на авионите за шверц на дрога на Ескобар во 1991 година. По неговата смрт во 1993 година, повеќето животни биле префрлени во зоолошките градини низ целата земја, со исклучок на нилските коњи. Четири нилски коњи, еден мажјак и три женки беа изоставени затоа што не можеа да бидат фатени и транспортирани.
Во меѓувреме, тие се размножија и станаа инванзивен вид кој почна да го уништува колумбискиот речен екосистем.
Илјадници километри оддалечени од нивното живеалиште во Африка, нилските коњи започнаа да се размножуваат во тропска Колумбија. Три децении подоцна, тие го напуштија ранчот на Ескобар и сега се наоѓаат источно од градот Меделин, околу сливот на реката Магдалена.
Изабела Наудин од здружението „Animal Balance“ вели дека на почетокот, луѓето се плашеле од нив кога ќе ги виделе, затоа што, како што кажа, многумина дури и не знаеле за какво животно станува збор, бидејќи никогаш во животот не виделе такво нешто.
Иако нема достапни податоци, Наудин вели дека во земјата најверојатно има од 80 до 100 нилски коњи. Според неодамнешното истражување на Институтот за истражување на биолошката разновидност Хумболдт, за десет години популацијата може да порасне на 150 нилски коњи, а колумбиските власти не знаат што да прават со нив.
Многу научници велат дека колумбиските нилски коњи треба да бидат убиени затоа што го уништуваат екосистемот, односно, се „натпреваруваат“ со домашниот див свет и ги загадуваат локалните водотеци, и без природни предатори како лавовите или крокодилите, човекова контрола, екстремна суша и лов, експертите велат дека тој број ќе продолжи брзо да се размножува.
Нилскиот коњ се смета за едно од најагресивните животни во светот. Сепак, Наудин вели дека, и покрај тоа што тие не припаѓаат на таа територија, тие се таму веќе долго време. Локалните жители велат дека видот му донел повеќе придобивки на регионот и дека тие уживаат да живеат со овие необични соседи.
Наудин истакнува дека најдобрата алтернатива пак, за контрола на нивното размножување се состои од инјектирање на хемикалија за стерилизација.