„Поминаа речиси три месеци од трагедијата во Кочани, каде 62 млади животи згаснаа во дискотека без лиценца и без почитување на основни безбедносни протоколи. Наместо вистинска поддршка и правда, семејствата на загинатите се соочуваат со молк, игнорирање, а сега и со обвинувања“.
Граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ реагира за изјавата на премиерот, во која родителите се обвинети дека „ја напаѓаат власта“ од политички побуди, истакнувајќи дека е крајно неодговорна и срамна. Според нив, наместо сочувство и институционална поддршка, гледаме обид за дефокус – од суштината, од болката, од системската корупција што доведе до оваа трагедија.
„Родителите протестираат зашто го изгубиле највредното нешто – децата. Протестираат за да не се повтори истото. Протестираат за правда. Тоа не е политички напад, но човечка болка која бара одговорност“, нагласуваат од „Кој е следен?“.
Оттаму ги потсетуваат властите дека граѓаните веќе донирале – преку своите даноци.
„Не е нивна должност да собираат донации за повредените и нивните семејства. Тоа е обврска на државата. На институциите. На тие што се платени да служат, не да обвинуваат. Наместо ветувања за инфраструктура во 2030 година, на Кочани сега му треба поддршка. Конкретна. Финансиска. Психолошка. Правна. А најмногу му треба задоволена правда“, посочуваат од иницијативата.
Како што додаваат тие, ова не е момент за политички калкулации, туку момент за човечност, одговорност и солидарност.
„Сè друго е бегање од вина и соучесништво во неказнивост“, поентираат од „Кој е следен?“.