Кочани ќе добие меморијал за жртвите од трагедијата – одобрен проектот „Патека на бесконечноста“

Здружението „16 март 2025 Кочани“ доби официјална одлука од Општина Кочани со која им се одобрува користење простор во Стар парк за реализација на меморијалниот проект „Патека на бесконечноста“.

Меморијалот е замислен како достоинствено место за оддавање почит на жртвите од трагичниот настан во дискотеката „Пулс“, а целта е неговата изградба да започне и да се реализира во најкус можен рок.

Локацијата опфаќа површина од 1.035 квадратни метри и се наоѓа помеѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“. Предвидено е меморијалниот комплекс да има максимална висина до три метри.

Со донесената одлука, здружението добива можност да започне со уредување на просторот без потреба од класична градежна дозвола. Во наредниот период ќе се работи на прибирање на потребната документација и на обезбедување финансиски средства преку донации, поддршка од компании и организирање хуманитарни настани.

Во почетната фаза ќе биде поднесено барање до Министерството за култура за одобрување на идејното решение, инспирирано од симболот на бесконечноста.

Проектот предвидува уредени пешачки патеки, амбиентално осветлување, клупи, фонтана, статуа на Богородица, како и камени плочи со имињата на 63-те жртви.

Фото извор: Википедиа