Коалите во Австралија гладуваат поради сечите на дрвја

Активистите за права на животните во Австралија алармираат дека коалите гладуваат бидејќи населението ги сечи дрвјата за да се заштити од пожари, уништувајќи го природното живеалиште и изворот на храна на овие животни.

Одморалиштето на коали на островот Рејмонд, долж брегот на државата Викторија, има барем една огладната коала неделно.

„Тоа ги погодува коалите низ земјата, не само на островот Рејмонд“, вели Венди Хендриксен од одморалиштето на тој остров, на кое живеат 250 коали.

Цела Австралија, а особено државата Нов Јужен Велс, е погодена од екстремно високи температури и суша.

Но, напорите да се спречат пожарите со сеча на дрвјата е закана за коалите, кои преживуваат хранејќи се со листови на еукалиптус.

Овие животни, кои живеат воглавно во крајбрежни подрачја, доведени се на островот Рејмонд за да не изумрат, бидејќи населението за малку ќе ги истребело поради трговијата за крзно.

„И за нив се грозни шумските пожари“, предупредува Хендриксен.

Според австралискиот закон, коалите се сметаат за „ранливи“ животни и во дивината ги има помалку од 90 000.