Коалиција Маргини: За пристап до правда требаат транспарентни институции, достапни податоци и информирани граѓани

„Пристапот до правда е поврзан и со еднаквоста, сиромаштијата, родовата еднаквост, заштитата од дискриминација, но и социјалниот статус на граѓаните. Граѓаните кои што се посиромашни имаат најчесто отежнат пристап до правда. Кога се зборува за пристапот до правда, мора да се знае дека институциите мора да бидат транспарентни, информациите за граѓаните треба да бидат лесно достапни, а граѓаните да си ги знаат своите права, рече денеска Драгана Дрндаревска од Коалиција Маргини.

Коалицијата Маргини заедно со Здружението ЕСЕ, на Европскиот ден на правдата пред Основниот граѓански суд Скопје, промовираа пораки за правото на бесплатна правна помош кон граѓаните.

Истовремено, информации од штанд обезбедуваа и студентите од Правна клиника на Правниот факултет „Јустинијан Први – Скопје“.

Дрндаревска нагласи дека довербата на граѓаните во судството и институциите како клучен елемент до пристапот до правда е на ниско ниво.

„Според податоците од Евробарометарот, само 23 проценти од граѓаните  на Северна Македонија веруваат во судството, 30 отсто во јавната адмнинистрација и 34 проценти веруваат во полицијата“, рече Дрндаревска.

Понатаму, нагласи дека се донесе новиот закон за бесплатна правна помош, кој што сметаат дека ќе го унапреди пристапот до правда на граѓаните, но клучно е доследното спроведување на овој закон“, изјави Дрндадевска.

Драгана Дрндаревска

Стојан Мишев од Здружението ЕСЕ, нагласи дека 70 проценти од Ромите се соочуваат со одреден правен проблем, а тој најчесто е во областа на имотни проблеми, долгови, домување и др. Како Здружение нудат правна помош, а апелираше и до државата да им излезе во пресрет на граѓаните.

„Една од алатките кои можат да ги искористат ранливите или сиромашни групи на граѓани, односно секој кој нема финансиски средства да иницира одредена постапка за заштита на своите права за остварување, може да ги искористи придобивките од новиот Закон за бесплатна правна помош“, истакна Мишев.

Стојан Мишев

Организациите напоменуваат дека доколку некој се соочува со правен проблем и нема доволно финансиски средства за решавање, имато право на бесплатна правна помош.

„За повеќе информации околу природата на проблемот со кој се соочувате, како и за можностите за остварување на правото на примарна и секундарна правна помош за негово решавање, обратете се во Министерство за правда, овластените здруженија на граѓани и правната клиника. Обезбедувањето на пристап до правда за граѓаните е основен предуслов за економски и социјален развој на нашето општество. Оддржливите развојни цели на ОН го нагласуваат пристапот до правда како основно човеково право чие остварување директно придонесува за целосна реализација на останатите човекови права на граѓаните. Затоа неопходно е надлежните институции да обезбедат помош и поддршка со цел олеснување на пристапот до правда за ранливите групи на граѓани“, информираа организациите.