Книжевност во пандемија – Коронавирусот нѐ стави во тенџере што клокоти, писателите треба да ја смират таа бура

„Секоја криза на некој начин се претвора во литература. Се што се случува ќе се најде во литературата, ама треба да помине некое време, а не веднаш да се пишува. Треба да помине време – вели Доротеја Минова, на денешната тркалезна маса на темата „Литература и криза: почетна точка за нови противотрови“, што се реализираше во „Europe House“.

Сите гости на фестивалот, писатели, издавачи, литературни агенти учествуваа на интересната дискусија, што ја модерираше Владимир Јанковски.

Монова е основач на издавачката куќа „Парадокс“ во Бугарија и е новинар по вокација.

Не верувам во брзи реакции на литературата, пред 30 години и „Парадокс“ ја создадовме новинари, а не писатели. Новинарите се лишени од илузии и апстракции, ами се блиски до социјалното. Секогаш сме се интересирале од литературата на фактот. Периодов луѓето почнаа брзо да пишуваат книги, оти општеството очекува да научи за кризата од книги, се изгуби доверба во медиумите. Литературата се уште нема изгубено доверба и затоа сите писатели треба да внимаваат што пишуваат“, вели Минова.

Образложувајќи ја темата, Јанковски праша: Кое време не било кризно време? А дали можеме да избереме или да најдеме неколку децении од човековата историја во кои не се случувало нешто што може да се каже или да се одреди под криза? Како писателот да се поставува во однос на кризата?

На Балканот цело време живееме во ситуација во која на еден или на друг начин сме принудени да создаваме противотрови секојдневно, вели Дејан Трајкоски, директор на фестивалот.

„Живееме создавајќи противотров. Како лист што дише јаглероден диоксид за да создаде кислород. Затоа, можеби и самава ситуација не ни е толку чудна, зашто дел од неа веќе сме ја живеееле“, посочи тој.

Според авторот Мухарем Баздуљ, за писателите секоја кризна ситуација може да биде инспиративна.

„Често се случува кога одиме од Балканот некаде во Швајцарија, Данска…и таму ти викаат па вие секогаш имате интересни теми, а ние им се восхитуваме дека имаат добра инфраструктура и за да издадат една книга добиваат и по неколку илјади евра. Затоа мислам дека е многу важно да не се правиме будали и да се водиме по метафизика. Ние ќе се најдеме во еден егзистенцијален тежок проблем, оти за книжевноста ќе нема пари“, вели Баздуљ.

Писателката Елизабета Баковска отвори интересен аспект за книжевноста денес. Таа смета дека поважно е прашањето каде живееме, а не во какво време.

„Коронавирусот ни го измести просторот што го живееме – буквално се најдовме катапултирани од реалниот во вирутелниот свет. Сите отидовме онлајн. Тоа за мене е еден свет како едно тенџере кое постојано клокоти и во секој момент мислиме дека нешто страшно врие, а некои центри на моќ постојано се трудат да го смират, на нешто што е за мене доста вештачки хуманизам и многу често не допира до сите поединци што се во тоа тенџере. Најголемо прашање за мене е како би можеле да влијаеме на смирување на таа бура во зачеток“, вели Баковска.

Назри Бериван Ак, позната писателка и издавач од Турција, го доближи издаваштвото на оваа земја.

„Во турскиот издавачки сектор обожаваме да го користиме поимот криза. А овојпат навистина е криза. По малку и сме среќни оти откривме нови аспекти. Во последните 10 години, почнавме да создаваме наши свои ѕвезди. Имаме пример со еден американски автор, чија роман се продаде во 500 копии во Америка, а во Турција продаде 1.000.000 во турција. Втората книга му беше објавена само во Турција, а третата веќе ја напиша специјално за нас. Дојде времето на независното издаваштво и треба да бараме нови гласови. Се познаваме сите многу подобро во овие простори“, вели Бериван Ак.

Издавачката Јасмина Радојичиќ истакна дека ова е специфичен период за издавачката индустрија.

„Мене како уредник што работи со домашните автори, коронавирусот многу добро ми дојде. Имам чувство дека многу луѓе како едвај да чекаа време за да пишуваат повеќе. До крајот на оваа година, тематски на оваа криза, ќе видиме како ќе тера издаваштвото. Што се однесува на самата индустрија, таа се уште се држи. Ние се преориентиавме на електронските книги, се уште никој не добил отказ, што е добро“, рече Радојичиќ.

За босанската издавачка Маја Солар, живееме во капитализам во кој секогаш има криза, зашто е систем кој што не е направен за да им служи на луѓето, ами заради профит.

„Сите општествени нееднаквости се гледаат уште повеќе и не треба да ги романтизираме работите. Мајките, на пример, мора да ги чуваат децата, кои беа буквално избркани од школо. Мајките не добија толку простор за пишување колку што обично го имаат кога децата не се наоколу. Отпорот кон еден систем мора да биде политички. Книжевноста со тие своите средства што, сепак, ги има, сепак да се обиде да ја искористи оваа ситуација да спроведе политика“, смета Солар.

Авторот Угљеша Шајтинац се труди да ја избегне реалноста и колективното, како интерес на своите дела.

„Писателот е човек што седи сам и пишува за некој што го чита сам.“

Авторката Калина Малеска признава дека во коронакризата се нашла во ситуација на инхибираност.

„Разговарав и со други луѓе, затоа што често се спомнуваше дека луѓето нашле време и пишувале многу често. Мене се ми изгледаше бесмислено“, вели Малеска.

Книжевноста ни помага да ги разбереме другите, вели писателката Магдалена Блажевиќ. Издавачот Милен Милев од Бугарија пак посакува коронакирзата да помине без трајни последици за оваа бранша и дека ќе се засили онлајн-продажбата.

Дискусијата беше дел од осмото издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, кој се одржува од 14-ти до 17-ти септември во Куршумли ан, Europe House и во Кинотеката на Северна Македонија.