Книжевна средба посветена на нобеловецот Патрик Модијано во Францускиот институт

Францускиот институт во Скопје вo среда (17 декември) со почеток во 19:00 часот организира книжевна средба насловена како „Патрик Модијано или уметноста на сеќавањето“.

Настанот се одржува по повод доделувањето на Нобеловата награда за книжевност на 2014 година на овој значаен автор, со што тој стана 15-от француски книжевник кој ја добива најпрестижната награда.

На средбата за делото на Патрик Модијано ќе говорат проф. д-р Снежана Петров, професор по француска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, проф. д-р Елисавета Поповска, професор по француска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, Жана Ангеловска, поранешен професор на Филолошкиот факултет во Скопје и познавач на делото на Модијано и Павлина Аџимитревска, директорка на издавачката куќа „Магор“.

Извор: Плусинфо