Книготека – нов македонски агрегатор на електронски книги

За време на овогодинешниот Саем на книга, компанијата Книготека ќе промовира нов македонски агрегатор за продажба на електронски книги. Во дигиталната книжарница за почеток може да се најдат неколку познати македонски издавачки куќи, Антолог, Сакам Книги, Или-Или, Бата Прес, Бегемот и Полица.

Електронските книги ќе се купуваат и читаат преку Android апликацијата Книготека, а нивните цени ќе бидат скоро двојно пониски од печатените изданија. Наскоро ќе биде промовирана апликацијата и за корисниците на iOS оперативниот систем.

Книготека апликацијата овозможува избор на книги по омилен жанр, автор, издавач, како и најнови и најпродавани изданија. Пред да се одлучат да купат одредено издание, читателите ќе имаат можност да прочитаат извадок од книгата.

Читањето може да се приспособува во зависност од потребите на читателот, со што е овозможен избор на соодветен фонт, големина на текстот и боја на екранот, подвлекување на текстот и додавање белешки и обележувачи, пребарување во книгата по одреден збор или фраза, пребарување на непознатите поими преку Google и Wikipedia алатките. Купените книги ќе може да се читаат без интернет конекција.

Целта на овој проект, поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој, е промоција на дигиталната култура и читањето, технолошки феномен што се помасовно го зафаќа светскиот пазар. Книгите ќе бидат брзо и лесно лесно достапни за секој, каде и да се наоѓа во светот.

Бесплатната апликација може да се преземе на следниот ЛИНК.

За времетраењето на Саемот на книга, од 8 до 14 мај, со секое преземање на Книготека апликацијата корисниците добиваат по една бесплатна книга по избор со помош на ваучер што може да се подигне на штандовите на издавачките куќи кои се дел од дигиталната книжарница.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.