Книгите за деца и млади се наменети и за родителите, авторите имаат одговорност за секој збор што ќе го напишат

Литература за деца и млади во книжарниците се истакнува на посебни катчиња, во рамки на библиотеките постои оддел за деца и млади, а под овој тип на литература обично се подразбираат шарени сликовници, илустрирани приказни или интерактивни сликовници кои вклучуваат боење, цртање или усовршување на техники на пишување и описменување. Иако навидум, литература за деца и млади изгледа шарено, сликовито и визуелно веднаш привлекува внимание, писателите на книги за деца и млади велат дека изборот на содржината наменета за деца и млади мора да е многу внимателно направен бидејќи станува збор за сензитивна група читатели, во својот развој, па така литературата може да одигра пресудна образовна, но и воспитна улога.

Пишувањето за деца и млади е премногу одговорна и креативна работа, која треба најсериозно да се сфати и работи, вели Татјана Гогоска, магистер по комуникологија и авторка на книги за деца.

Во својата најнова книга „Магичниот круг на детството“, Гогоска, повторно се навраќа на темите кои го одбележуваат растењето, креативноста и детската чувствителност. „Магичниот круг на детството“ e осма по ред на авторот и шеста наменета за деца. Станува збор за илустрирана, мултимедијална и интерактивна книга, создадена во подолг временски период и на специфичен, повеќеслоен начин. Илустрациите се дело на Елена Максимовска.

Татјана Гогоска

Книгата содржи два раскази – „Најденко во магичниот круг“ и „Силјановиот магичен сон“, кои првично се напишани како драмски текстови. Делото претставува уникатен спој на литература, драма, ликовна и музичка уметност, со силен акцент на креативното учество на децата. Посебна вредност даваат интерактивните сегменти: „Магична боенка“, преку која децата можат сами да ги создаваат ликовите, и „Магична музичка тетратка“, која овозможува создавање музика врз основа на стихови од книгата. На овој начин, книгата може да се персонализира и да стане трајно сведоштво на детството, вели авторката.

Иако двете приказни се временски и социјално различни, тие ја обработуваат истата тема – растењето, чувството на неразбраност и осаменост кај децата. Централната порака на делото е сумирана преку старата македонска поговорка: „Добрината и љубовта се посјајни од сонцето“.

Гогоска е авторка со долгогодишно пишувачко искуство, особено кога се во прашање книгите за деца и млади. Првата книга ја издава далечната 1994 година. Станува збор за збирка раскази „Насмеани очи“.

Потоа следеа во овие 30 години книгите за деца „Немирни години “, „Климентовото училиште“, „Патување низ детството“, „Училница за глума“, тоа се се драмски игри за деца, т.е. литература во рамки на драмското творештво. По пауза од 10 години минатата година ја издадов мултимедијалната книга „Магичниот круг на детството “ а во април оваа година, ќе ми излезе најновата книга за деца ,збирка раскази „Распеаниот лифт“, кое е сосема нешто ново од мене. Значајна книга во оваа област е стручната книга „Телевизијата и емоциите кај децата“, каде давам сеопфатен емоционален, социјален и психолошки преск за влијанието на тв врз децата во рамки на развој на позитивните емоции, истакнува Гогоска.
Како магистер по комуниколошки науки, особено како експерт по ТВ како традиционален тип на медиум, во Македонија сѐ уште еден од највлијателните, Гогоска го применува своето теориско, истражувачко и практично знаење во пишувањето на своите книги.

Софија Петковска е дипломиран педагог, автор, рецензент и уредник на е-списание. Своето знаење од педагогијата го применува во пишување на книги за деца и млади.

Мојата мисија е создавање содржини кои не само што едуцираат, туку и ја негуваат душата на детето и градат свесни родители. Верувам дека литературата за деца е специфична и комплексна, па токму затоа пораките мора да бидат јасни, игриви и полни со рима за да резонираат со детското срце. Моето творештво е мост меѓу педагогијата и духовноста. Кога ние како возрасни растеме и се менуваме на подобро, создаваме свет во кој нашите деца можат да процветаат, вели Петковска за Радио МОФ.

Софија Петковска

Најпозната книга за деца од Софија Петковска е „Едно слонче со црвено балонче“ која е наменета за деца на возраст од 3 до 15 години. Авторката истакнува дека инспирацијата за нејзината книга ја пронашла преку конкретна воспитна пракса применета на нејзиниот син при што била водена од педагошката мисла дека „малку е многу“, на тој начин како што го опишува создавачкиот процес, Петковска создала дело кое на едноставен начин ги објаснува комплексните емоции и животните вредности.

Книгата „Едно слонче со црвено балонче“ е наменета за деца на возраст од 3 до 15 години.

Книгата е замислена како одлично педагошко нагледно средство и дополнителна литература која треба да биде дел од секој дом, училиште или градинка, вели таа.

Како авторка на која поезијата ѝ е примарна пасија Петковска е автор на стихозборката „Поетски нежности“, во оваа книга се вклучени 12 песни за деца.  Исто така, книгата содржи и 5 сказни кои секогаш завршуваат со јасна морална поука. Дополнително, книгата има и 30 гатанки кои го поттикнуваат критичкото размислување, каде самото дете го пишува одговорот, како и креативна боенка која е визуелен одговор на гатанките.

Мојата главна цел со оваа книга е емоционално описменување. Сакам да го задржам вниманието на детето, да ја поттикнам неговата имагинација и да му помогнам да ја сочува вродената духовна чистота. Верувам дека „детето што чита книги, понатаму ќе стане возрасен кој размислува“, заклучува Петковска.

Александра Тодоровиќ е авторка на книги за деца, новинар и внимателен раскажувач на приказните на Скопје. Преку својата работа, таа на еден суптилен начин го бележи духот на градот и го пренесува на помладите генерации. Нејзината љубов кон книгите никогаш не згаснала, туку со текот на времето само се продлабочувала. Денес, таа е дел од издавачката куќа „Сакам книги“, каде работи како тим лидер во малопродажба и ПР менаџер, продолжувајќи секојдневно да живее со книгите и да ги доближува до читателите.

Александра Тодоровиќ

Нејзините книги „Мистериозниот град под калето“ и „Љубов голема колку Скопје“ се наменети за деца и се создадени како динамични авантури што комбинираат приказна и игра. Во нив, според авторката, целта е читателите да не се само пасивни набљудувачи, туку активни учесници кои преку загатки, траги и мали предизвици постепено го откриваат градот и неговото минато.

Првата книга ги води децата низ едно поинакво Скопје, низ времето кога градот изгледал поинаку, кога бил под османлиска власт, и кога се создавале дел од обележјата што и денес постојат. Преку игра и авантура, децата се запознаваат со историјата на својот град и учат да ја препознаат вредноста на културното наследство што ги опкружува, вели Тодоровиќ за Радио МОФ.

Во двете книги, важна тема е и Скопје како град на различности. Различни култури, традиции и верувања кои со векови се преплетуваат и заедно го создаваат неговиот идентитет.

Токму преку тие приказни, целта е децата да ја почувствуваат убавината на различноста и да научат дека прифаќањето и почитта кон другиот се темел на едно здраво општество, заклучува авторката.

Педагошка функција на книгите за деца и млади

Не е исто дали некоја содржина ќе се следи од страна на возрасен човек со веќе развиени ставови, мислења, навики и карактер и субјект кој е во фаза на развој и на кој дури и она што на возрасните им се привидува како „ситница“, кај детето и младиот човек може да остави трајни последици по нивниот психофизички развој. Особено загрижувачки се насилните содржини или актите на насилство кои врз децата имаат особено трауматско дејство, па затоа на секој можен начин децата и младите луѓе треба да се изолираат од содржини кои асоцираат на насилство, крв, инциденти кои се загрозувачки по нивната безбедност и им создаваат сомнеж, несигурност и страв.

Ова е само еден од аспектите на кои треба да се внимава кога е во прашање детската, односно младата популација во функција на восприемач на содржини. Една мета-анализа објавена во списанието Archives of Pediatrics & Adolescent Medicine утврдува дека насилните содржини (телевизија, филмови, видео игри) имаат „значаен ефект“ врз зголемување на агресивното однесување, мисли и емоции кај децата, како и намалување на емпатијата. Дополнително, преглед на повеќе истражувања објавен во The Lancet покажува дека ваквата изложеност предизвикува краткорочно зголемување на возбуда и страв, а кај помалите деца и поголема веројатност за агресивно или исплашено однесување.

Авторите на книги за деца и млади, имаат посебна педагошка функција. Како што самите велат нивните книги ги воспитуваат деца, ги градат нивните навики, ставови дури и децата може да се идентификуваат со авторите на содржините, па оттука е важен и „етосот“ односно карактерот на авторот. Сето тоа од страна на интервјуираните авторки на книги за деца, како што самите наведуваат, од нив се прифаќа со голема доза на одговорност.

Александра Тодоровиќ вели дека приказните ги охрабруваат децата да бидат отворени, емпатични и да градат односи базирани на разбирање и почит. Во нејзините книги централна вредност е токму љубовта, како универзално човечко чувство, кое е на врвот на пирамидата на чувства.

Љубовта, како универзална вредност, зазема посебно место. Таа се прикажува како нешто што не познава граници, нешто што ги надминува сите поделби и што ги поврзува луѓето на најдлабоко ниво, вели Тодоровиќ.

Петковска, пак, вели дека нејзината цел како автор е да го поттикне чувството на емпатија, доброто како вредност, надеж и чесноста. Истакнувајќи ја важноста на овие вредности, децата учат дека нивната примена создава позитивни ефекти врз заедницата, но и посреќен индивидуален живот за нив самите, живот кој е духовно исполнет како награда за сите доблести кои создаваат добри дела.

Мојата цел е децата уште од најрана возраст да ја засакаат поезијата како форма на изразување. Песните се напишани да бидат игриви, со јасна рима и лесни за помнење, со цел да му го задржат вниманието на детето и да го поттикнат неговиот јазичен и емоционален развој. Сказните пак, не се само приказни за забава, туку тие се алатки за градење на карактерот. Преку нив, децата учат за емпатијата, доброто, надежта и чесноста, прифаќајќи ги овие мудрости како свои внатрешни принципи, вели Петкоска.

Татјана Гогоска, пак, вели дека нејзината главна цел е да создаде ликови кои имаат позитивни карактеристики, се јунаци, или имаат изразено чувство за правда и правичност, па така малите и младите читатели ќе имаат брем „идеалистички“ прототип со кој можат да се идентификуваат.

Мојата цел е да го доближам напишаното до децата со сите наведени атрибути и да им дадам можност за позитивна идентификација, создавајќи соодветни јунаци, кои ќе бидат позитивен патоказ во нивното детство, вели Гогоска.

Едукативна функција на книгите за деца и млади 

Книгите на Тодоровиќ пред сѐ служат да ја едуцираат најмалата читателска публика за значењето на културните симболи изразени преку знаменитости и архитектура кои ги среќаваат во нивно опкружување. Јазикот со кој Тодоровиќ ги прилагодува овие содржини за деца, ја покажува умешноста на еден автор да допре до умот на читателот.

Со своите книги, Александра Тодоровиќ има за цел да поттикне љубопитност, да отвори простор за учење преку игра и да изгради чувство на припадност кон градот и заедницата.

Крајната цел е едноставна, но значајна: Децата да пораснат со свест за тоа кои се, од каде доаѓаат и како можат да создадат подобар свет околу себе, вели таа.

Гогоска пак истакнува дека кога се пишува за детето треба да се има предвид целосната слика за кое дете како единка се работи, потенцијалниот читател со сите свои психолошки, социолошки карактеристики и пред сѐ , потребно е да се обрне внимание на емотивните состојби на детето.

Кога пишуваш за деца треба да имаш целосна слика на детето како единка, со сите психолошки, социолошки и пред се емотивни состојби. Да го натераш детето да те прочита, треба да знаеш многу повеќе, треба да дадеш многу повеќе од себе како автор, отколку кога се обраќаш на возрасни. Она што е многу важно, треба да си одговорен кон секој збор, дел од реченица, приказна, вели Гогоска.

Сличен став има и Петковска, таа вели дека книгите за деца, служат и како алатка за поттикнување на интелектуралниот развој и усовршување на конативните функции, но и како алатка за емоционално описменување. Емоциите заземаат голем дел од начинот на кој децата и младите го разбираат светот и постоењето и затоа е од особена важност да се обрне внимание на развојот и на емоционалната интелигенција.

Мојата главна цел со оваа книга е емоционално описменување. Сакам да го задржам вниманието на детето, да ја поттикнам неговата имагинација и да му помогнам да ја сочува вродената духовна чистота. Верувам дека „детето што чита книги, понатаму ќе стане возрасен кој размислува“, исктанува Петковска.

Вештина на пишувањето и авторската одговорност

Татјана Гогоска го истакнува значењето на авторската одговорност во однос на пласираните содржини, имајќи предвид дека содржините се наменети за деца и млади. Категорија која поради специфичната возраст и развојна фаза побарува да се вклучи особено внимание кон она што им се нуди и пласира. Децата и младите, треба да бидат заштитени од негативни влијанија, но и за нив на особен начин, преку суптилна вештина на пишувањето да се промовираат позитивните вредности.

Целосна одговорност, кон она што го пишуваш за деца. Секоја книга за деца треба да има соодветна содржина наменета за одредена возраст, раскажана на едноставен, чист и емотивен начин, вистинита и да допре до детето – читател позитивно. Да предизвика позитивни чуваства, вели Гогоска.

Книгите за деца треба да ги прочитаат и родителите

Пред било која книга да се даде на детето, родителот ја има улогата да селектира и да проверува која книга е прилагодена на возраста, индивидуалниот развој и посебните интереси на детето. Затоа и покрај тоа што книгите се насочени кон децата и младите, родителите се првиот филтер кој треба да одлучи што ќе дојде до нивните деца.

Со оглед на фактот дека воспитувањето на детето е неразделно од личниот развој на родителот Петковска го креирала онлајн курсот „Духовно растеме заедно“.

Оваа програма е патека кон внатрешен мир и свесно живеење, наменета за родители и едукатори/наставници. Курсот е поделен во 3 модули со 15 лекции, кои вклучуваат видео и аудио материјали и ПДФ скрипти. Во овој курс,  учесниците учат за фазите на детството и правилниот пристап кон детските емоции, се обработуваат теми за „милениумските родители“ и разбирањето на генерациите на души, а исто така курсот нуди конкретни техники како Хоопонопоно, ЕФТ (техника на емоционална слобода), работа пред огледало, медитација и правилно дишење прилагодени и за возрасни и за деца, вели таа.

Целта, како што наведува е трансформација на стресот во хармонија. Родителите учат како да градат односи базирани на љубов и смиреност, додека истовремено го поддржуваат духовниот развој на своето дете.

Гогоска почнала да пишува книги за деца уште во 1994 година. Тие деца кои биле нејзини читатели пред повеќе од 30 години, денеска се родители, кои имаат изградени естетски вкусови, етички и морални ставови и однос кон појавите и настаните што ги опкружуваат.

Јас ќе почнам со една повторена мисла од пред 15-тина години на оваа тема: Да се биде писател за деца и да се читаат и препрочитуваат нивните книги од генерации нови деца, тоа е врвот на литературата. Кај нас тоа не е сѐ уште така, иако има позитивни промени, вели Гогоска.

Магдалена С. Константинов за ©Радио МОФ.