Ќе се пресадуваат дрвја во Паркот на новинарите

Eкипите на Секторот за подигање на зеленило на ЈП „Паркови и зеленило“ викендот на 11 и 12 февруари ќе работат на улица „Народен Фронт“ на пресадување на 14 дрвја (12 багреми и 2 каталпи) кои ќе бидат засадени во Паркот на новинарите спроти зградата на Нова Македонија на булеварот „Св.Климент Охридски“, соопштуваат од ЈП „Паркови и зеленило“.

Според претпријатието, дислокацијата на садниците се врши на барање на Друштвото за дистрибуција на топлинска енергија Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, по добиено правосилно одобрение за градба од 2 декември 2016 издадено од општина Центар.

Инаку, во Паркот на новинарите пред помалку од две години беа исечени големи тополи, за кои одекнаа бурни ракции низ јавноста, а директорот на „Паркови“ Душан Авировиќ рече дека сите тополи во Скопје се „стари и деградирани дрвја и постои опасност за граѓаните и колите“. Уште тогаш Авировиќ нагласи дека тополите се изземаат од редовната процедура за издавање на било каков документ пред сечење.