Ќе поскапуваат реновираните студентски домови во Загреб, студентите бараат ревизија

По бурните реакции на студентите поради одлуката за поскапување на студентското сместување во домовите во Загреб, како и најавите за можни протести, Студентскиот совет на Хрватска како национално координативно тело за 35 000 студенти, јавно проговори на темата, пренесуваат хрватските медиуми.

Студентскиот совет во основа го поддржува усогласување на цените поради реновираното студентско сместување во Загреб, но не без согласност на сите засегнати страни. Оттаму бараат ревидирање на моделот за корекција на цените, како јавно објавување на финансиските извештаи, кои се недостапни за студентите.

Во соопштението на Студентскиот совет се вели дека јавноста и претставници на студентите – главните засегнати страни во преговорите, треба да имаат пристап до официјалните документи врз основа на кои се зголемува цената на студентско сместување.

„Сметаме дека корекција на реалната цена може да се случи, само врз основа на конкретни финансиски показатели. Неопходно е да се направи краткорочна и долгорочна стратегија за работењето, со оглед на најавеното зголемување на цената. Исто така е важно да се знае дали средствата (приходите) кои ќе се зголемуваат поради поскапувањето, ќе бидат инвестирани за подобрување на студентскиот стандард во студентскиот центар.

Реновирањето на студентско сместување не може да биде единствената причина за зголемувањето на цените. Врз основа на годишните финансиски извештаи, што во моментов не се на располагање, потребно е да се направи проценка на финансиите за плански да се дефинираат моделите за промена на цените на сместувањето “, напиша Маро Алавања од Студентскиот совет.

Тој посочи дека јавноста не ги објавува официјалните документи  од деталната анализа за потребата од пораст на цените на домовите, краткорочните и долгорочните цели од зголемување на цените на домовите, студиите на енергетската ефикасност и други документи врз основа на надлежните во Загреб побарале зголемување на цените.

„Го повикувам Студентскиот центар од Загреб, заедно со претставниците на студентите, врз основа на конкретни податоци и извештаи, преку понатамошни дискусии и консултации да се обиде да дојде до заклучоци во однос на моделот за корекција на цената, што ќе биде прифатливо за повеќето студенти, особено за оние кои добија сместување врз основа на социјално -економскиот статус, а кои се во моментов се најзагрижени “, изјави Карло Колесар, претседател на Студентскиот Совет.

За идните активности на националното претставничко тело на студентите, кое претставува повеќе од 20% од студентската популација во Хрватска, треба да одлучуваат лидерите во Советот, во зависност од понатамошните договори со надлежните, додаваат од Советот.