Кинотеката на Македонија од 13 септември ја започнува новата Филмска училница – едукативна програма наменета за ученици од основното образование (11 до 14 години) кои сакаат да ја откријат магијата на филмот и да ги совладаат првите чекори во создавањето на сопствени кратки филмови.
„Филмската училница ќе се одвива секоја сабота, во текот на десетина последователни викенди, до почетокот на декември. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со процесот на создавање филм – од идеја и сценарио, преку снимање и монтажа, до финална проекција пред публика“, информираат од Кинотеката.
Сите училници ќе ги предводи режисерот Саша Станишиќ, долгогодишен едукатор и филмски професионалец, а во улога на гости-предавачи ќе се вклучат и монтажери, кинематографери, сценаристи и продуценти кои ќе им ги откријат на младите филмаџии тајните на професијата.
Филмската училница 2025 се реализира во рамките на меѓународниот проект FilmED, финансиран од Европската Унија преку програмата Creative Europe – MEDIA, со цел развој на филмска писменост, промоција на европската кинематографија и збогатување на едукативните ресурси за млади. Проектот ги обединува институции и организации од Македонија (Кинотека на Р. С. Македонија), Полска (Центар за филмска култура „Анджеј Вајда“), Унгарија (Национален филмски центар на Унгарија), Чешка (Крутон) и Словачка (Кино Усмев), со координација на Гете-институтот од Прага.
„Со оваа иницијатива, Кинотеката продолжува со својата посветеност на младата публика и на развивање нови генерации што критички ќе го разбираат и креираат филмот, како медиум кој ги поврзува креативноста, културата и современото образовани“, велат оттаму.
Повеќе информации за проектот можете да пронајдете на веб страната . Сите дополнителни информации можете да ги добиете на веб страната на Кинотека, како и на телефонскиот број +389 78 398 085 и е-пошта filmskauchilnica@gmail.com.
Инаку, Радио МОФ минатата година пишуваше за Филмската училница на Кинотека, која годинава се одржува четврта година по ред. Филмот може да служи како дидактичко помагало во формалната настава во основното и средното образование, а освен тоа има потенцијал да прерасне и во наставен предмет – сметаат филмолози и стручни лица кои веќе неколку години ја промовираат оваа новина во јавноста. Но, додека се чека на дискусиите меѓу различни засегнати страни за да се случи тоа, веќе се случуваат работилници и предавања во кои млади се запознаваат со филмот преку дискусија и критичко мислење.
„Дури и најосновните изрази – ми се допаѓа/не ми се допаѓа – се плодна почва за дискусија, оформување и изразување на мислење“, вели филмологот Дамјана Патчева која работи во Филмската училница.
Додека чека на формалното, филмот веќе зачекори во неформалното образование