Кинеските власти го скратиле крајот на „Боречки клуб“ и го замениле со триумф на полицијата

Крајот на култниот американски филм „Боречки клуб“ од 1999 година е отстранет за гледачите во Кина и е заменет со телоп на кој пишува дека властите победиле, пренесува Би-Би-Си.

Во оригиналниот крај ликот кој го игра Едвард Нортон го убива неговиот замислен алтер-его Тајлер Дурден, кој го игра Бред Пит, пред експлозија на градот во завера за создавање нов општествен поредок.

Во Кина, пред експлозијата сега се појавува текст во кој стои дека полицијата ја открила заверата, ги уапсила криминалците и го испратила Дурден во душевна болница.

„Преку траги кои ги оставил Тајлер полицијата брзо го разоткрила целиот план и ги уапсила криминалците, успешно превенирајќи бомбата да експлодира. По судењето Тајлер е испратен во душевна болница за психијатриско лекување. Тој бил отпуштен од болницата во 2012 година“, стои на крајот на верзијата за кинеските гледачи.

Од организацијата Хјуман Рајтс Воч ги окарактеризираа измените како дистописки на Твитер.

Писателот на романот според кој е направен филмот, Чак Паланиук, саркастично на Твитер напиша: „Ова е супер! Секој добива среќен крај во Кина!“.

Измените ги револтираа корисниците на социјалните мрежи во Кина кои претходно гледале пиратски копии од оригиналниот филм.

Не е реткост кинеските власти да цензурираат делови од западните филмови, но уште поретко е ваквото менување на самиот крај.