Кина сака џиновската панда да остане на листата на загрозени видови

Во неделата, Интернационалната унија за зачувување на природата ја класифицираше џиновската панда како „ранлив вид“ откако долго време припаѓаше на категоријата „загрозен вид“. Тоа значи дека црно-белите мечки по потекло од Кина имаат помала веројатност дека сосема ќе исчезнат.

Иако ова изгледа како голема победа за децениите работа посветени на зголемување на популацијата на џиновските панди во Кина, државата вели дека менување на статусот на овој редок вид ќе го загрози животното и е игнорирање на трудот вложен во негово зачувување.

Државната администрација за пошумување на Кина вчера изјави дека одлуката на интернационалната група за заштита на околината е донесена „прерано“.

Според Администрацијата, џиновските панди живеат во изолирани хабитати низ провинциите Сичуан, Шанкси и Гансу, и не се во контакт меѓусебно, што ги намалува нивните шанси за репродукција.

Агенцијата додава дека климантските промени им се закануваат и на бамбусовите шуми, кои сочинуваат најголем дел од исхраната на џиновската панда.

„Ако го намалиме нивото на заштита, може да дојде до запоставување, а џиновската панда и хабитатите да претрпат непоправлива штета. Успесите кои ги постигнавме досега ќе бидат залудни, а помалите популации на џиновски панди ќе се соочат со истребување без никакво предупредување“, велат од Администрациајта.

Одлуката за менување на статусот на џиновските панди е донесена откако нивната популација порасна за 17 проценти во периодот меѓу 2004 и 2014 година. Денес во светот постојат околу 2060 панди.