Кинескиот Парламент го поништи мандатот на двајца пратеници од Хонг Конг кои одбија да положат заклетва на лојалност кон Кина. Ова е најдиректна интервенција на Пекинг во законодавниот и политичкиот систем на Хонг Конг од 1997 година, кога Кина го презема суверенитетот врз оваа територија од Велика Британија.
Потегот го внесува Хонг Конг во политичка криза и неизвесност, а доаѓа откако 25-годишната Јау Ваи-Чинг и 30-годишниот Багио Леунг кои се залагаат за независност на Хонг Конг, при церемонијата на давање заклетва за Законодавниот Совет, истакнале транспарент на кој пишувало „Хонг Конг не е Кина“ и положиле заклетва на „нацијата Хонг Конг“.

Леунг и Ваи-Чинг на протестите Фото: Ројтерс
Народниот Конгрес во Кина одлучи дека законодавците мораат да положат заклетва на Хонг Конг како составен дел од Кина и дека кандидатите ќе бидат дисквалификувани доколку го променат текстот на заклетвата при нивното стапување на функција, или доколку тоа не го направат искрено.
Синоќа, пред да се донесе оваа одлука, незадоволството предизвика насилни судири со полицијата. Полицијата користеше бибер-спреј против илјадниците демонстранти на улиците во Хонг Конг кои протестираа против обидите на Пекинг да го сопрат независниот активизам.
На улците во најголем број излегоа млади луѓе, повеќето облечени во црно, што потсети на повеќенеделните про-демократски протести во 2014 година, кои го парализираа азискиот финансиски центар и предизвикаа еден од најголемите политички предизвици за Кина во последните неколку децении.
„Овие инциденти покажуваат дека таканаречениот мини-устав кој го имаме е хендикепиран правен документ и може да се контролира по желба на Кинеската комунистичка партија“, вели 20-годишниот Џошуа Вонг за Ројтерс, еден од лидерите на протестите во 2014-тата година.
Слично како и на протестите за демократија од пред две години, кои тогаш траеја 79 дена, многумина од демонстрантите отворија чадори за да се заштитат од спрејот.