Кинеското регулаторно тело забрани емитување на програмата на британската телевизија „Би-Би-Си Ворлд Њуз“, проценувајќи дека телевизијата со својата содржина „сериозно“ ги прекршила регулативите во земјата, пренесува „Н1“.
Во соопштението на регулаторното тело се наведува дека телевизијата го прекршила принципот според кој „информациите треба да бидат веродостојни и точни“ и „да не им штетат на националните интереси на Кина“.
„Телевизијата не ги исполнува условите за емитување во Кина како странска телевизија“, изјавија од кинеската Управа за радио и телевизија, додавајќи дека нема да го прифати барањето на „Би-Би-Си“ за дозвола за емитување следната година.
Британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб ја осуди одлуката на кинеските власти како „неприфатлив напад врз слободата на медиумите“.
China’s decision to ban BBC World News in mainland China is an unacceptable curtailing of media freedom. China has some of the most severe restrictions on media & internet freedoms across the globe, & this latest step will only damage China’s reputation in the eyes of the world.
— Dominic Raab (@DominicRaab) February 11, 2021
„Кина ги има едни од најстроги ограничувања во светот во однос на слободата на медиумите и интернетот и овој најнов чекор само ќе наштети на угледот на Кина во очите на светот“, напиша Раб на Твитер.
Забраната исто така ја осудија и САД и го повикаа Пекинг да ја поддржи „слободата на медиумите“. „Апсолутно ја осудуваме одлуката на Народна Република Кина“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс.
Портпаролката на „Би-Би-Си“ изјави дека се разочарани што кинеските власти одлучиле да ја преземат таа мерка.
Новинската агенција „Асошиејтед прес“ пренесе дека забраната за „Би-Би-Си“ се чини дека е одмаздничка одлука, по одземањето на лиценцата за емитување на кинеската сателитска телевизија на англиски јазик „CGTN“ во Велика Британија. Британскиот регулатор ја укина дозволата на кинеската телевизија на 4 февруари, повикувајќи се на нејзините врски со владејачката Комунистичка партија на Кина, помеѓу останатото.
По таа одлука, Кина наведе дека тоа е направено од политички причини и дека тие го задржуваат правото да одговорат за да ги заштитат правата и интересите на кинеските медиуми.